Избраниците на селекторот Кирил Лазаров не се прославија многу на првиот контролен натпревар против вториот тим на Хрватска во Пореч. Иако загубија со два разлика (26:23), имаа значителен број загубени топки, промашија пет седмерци и уште неколку зицери

Македонската ракометна репрезентација со пораз ги започна подготовките за Европското првенство во Данска, кое ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари наредната година. Во Пореч, избраниците на селекторот Кирил Лазаров загубија од светскиот вецешампион, селекцијата на Хрватска, со 26:23.

Селекторот Лазаров мораше да менува пред патот во Хрватска. Од тимот отпадна Валентин Карасманакис поради скршеница на прстот, а на негово место дојде Никола Маркоски. На оваа средба не беше само голманот Мартин Томовски, кој ќе ѝ се приклучи на селекцијата во новата година. На спротивната страна, Хрватска настапи на домашен погон, поточно повеќето ракометари беа од редовите на Загреб, Нексе, Сесвете…

Хрватите постојано водеа во текот на мечот, а ние бевме оние што го бркавме резултатот. Во првото полувреме, најрасположени наши ракометари беа капитенот Филип Кузмановски и голманот Никола Митревски. Првите 30 минути ги загубивме со три гола разлика, беше 14:11. Во вториот дел се активираа и другите наши ракометари, бевме порамноправни, неколкупати дојдовме и до минус еден гол разлика, но не успеавме да го свртиме резултатот.

Мора да се напомене и дека на овој натпревар македонските ракометари не се покажаа во најдобро светло во нападот, промашија многу зицери, а, исто така, не се прославија и од линијата за седум метри.

Како главен проблем за поразот, Лазаров ја посочи реализацијата од седум метри, каде што Македонија промаши дури пет пенали, од кои три уште на почетокот од натпреварот.

– Промашивме пет пенали, три на самиот почеток и со такво нешто не можеш да направиш ништо. Имаме доста проблеми, имаме и многу дупки, но се обидовме да направиме некои работи на најдобриот можен начин и да пробаме со нови сили. Ни недостигаше, на пример, Лазаревски, но тоа е… Продолжуваме со подготовките во Хрватска до 30 декември, потоа одиме во Швајцарија на турнир, па директно на Европското првенство. Нема да биде лесно. Кај нас очекувањата секогаш се големи, ќе беа уште поголеми ако победевме денес, но ќе се бориме – кажа Лазаров.

Во таборот на Македонија, прв стрелец беше Кузмановски со седум гола, а по три имаа Серафимов и Џонов, додека Митревски „собра“ дванаесет одбрани. Кај домашниот состав се истакнаа Левар со шест гола и голманот Славиќ со 16 интервенции.

Пред почетокот на Европското првенство, Македонија ќе одигра уште три натпревари во Винтертур, против Швајцарија, Бахреин и Украина.

На Европското првенство, Македонија ќе игра во група со Данска, Португалија и со Романија, а само првопласираните две репрезентации од секоја група ќе се пласираат во главната фаза од првенството.

ИЗДВОЕНИ