На Германија ѝ недостасуваат воспитувачи, социјални работници, лица за нега и продавачи, како и многу други квалификувани профили на работна сила. Ситуацијата брзо ќе се влоши, предупредува Институтот за германска економија во нова студија.
Институтот проценува дека дефицитот дополнително ќе се зголеми и дека до 2028 година бројот на неисполнети работни места ќе скокне на околу 768.000, во споредба со 487.000 минатата година, објави германската новинска агенција (ДПА).
„Главната причина се демографските промени. Многу луѓе ќе се пензионираат во наредните години“, вели авторот на студијата Јурек Тајдеман.
Заминувањето на најголемата генерација, таканаречените бејби-бумери, дополнително го зголемува притисокот врз вработените во бројни занимања.
„Ако не успееме да го ублажиме овој дефицит, сè повеќе луѓе ќе го чувствуваат тоа секој ден“, предупреди Тајдеман.
На пример, кога нема места во градинките или домовите за стари лица, вработените не можат дасе прилагодат, бидејќи тие исто така треба да се грижат за своите семејства.
Проценката на трендовите на пазарот на трудот за 1.300 занимања се базира на анализа на податоци од 2023 година и трендови од претходните години. Најголем недостиг се очекува кај продавачите – бројот на отворени и непополнети работни места би можел да се зголеми од 12.900 на 40.470. Премалку млади луѓе одлучуваат да се запишат во средни стручни училишта, наведува Тајдеман.
На второ место се воспитувачите во предучилишна возраст, кои ќе имаат недостиг од околу 30.800, по што следат социјалните работници и педагозите – со повеќе од 21.150 отворени работни места. До 2028 година, се очекува дека ќе има недостиг од околу 21.350 здравствени работници.
И покрај предвидениот раст на вработувања – на пример, кај едукаторите со 143.400 нови вработувања до 2028 – IW предупредува дека тоа нема да биде доволно за да се задоволи побарувачката.
Дополнителен пораст на побарувачката се очекува во ИТ-секторот, со раст од 26%, што се должи на забрзаната дигитализација во јавниот и приватниот сектор.
Од друга страна, некои индустрии ќе забележат значителен пад на вработеноста:
Металуршката индустрија – се очекува намалување од 161.200 работници
Банкарскиот сектор – ќе изгуби околу 56.300 работни места поради автоматизација и затворање на шалтери
Анализата на Институтот се базира на податоци од 2023 година и ги следи трендовите за 1.300 различни занимања