Акционерите на „Тесла“ го одобрија неговиот огромен пакет плати за следната деценија, што може да му донесе до 878 милијарди долари. Целите на Маск за следната деценија вклучуваат испорака на 20 милиони возила, еден милион роботакси во функција, продажба на еден милион роботи и заработка до 400 милијарди долари основна добивка. Негова визија е трансформирање на производителот на електрични возила во гигант за вештачка интелигенција и роботика.
На годишниот состанок на „Тесла“ во Остин, Тексас, основачот на компанијата, најбогатиот човек на светот, Илон Маск, излезе на бината и почна да танцува со робот. А кој не би танцувал? Акционерите го одобрија неговиот огромен пакет плати за следната деценија, што може да му донесе до 878 милијарди долари. Со тоа тој станува првиот трилионер во светот.
Маск се качи на бината со овации од публиката само неколку моменти откако беше одобрен неговиот пакет плати, почна да танцува, а хуманоидниот робот Оптимус почна да ги имитира неговите движења, пишува НДТВ. Оптимус, како што најави, еден ден треба да ја преземе работата за производство, испораки, па дури и за лични асистенти.
– Другите состаноци на акционерите се како приспивни песни, но нашите се хитови. Погледнете го ова – ова е болно, ѝ рече Маск на публиката.
Потоа објави дека „Тесла“ влегува во нова ера, „не само во автомобилите, туку и во роботиката и во вештачката интелигенција, покажувајќи кон хуманоидот до себе. Со тоа што му го одобрија пакетот плати и акционерите ја поддржаа неговата визија за трансформирање на производителот на електрични возила во гигант за вештачка интелигенција и роботика.
Но, не беа сите инвеститори за тоа толку многу да се поткрепи личниот буџет на Маск. Некои големи инвеститори, меѓу кои и норвешкиот суверен фонд за богатство, беа против. Сепак, менаџментот на „Тесла“ веруваше дека Маск би можел да ја напушти компанијата ако пакетот не биде одобрен, а многу од инвеститорите кои го поддржаа рекоа дека пакетот од речиси еден трилион долари им користи на акционерите на долг рок бидејќи Маск мора да се погрижи „Тесла“ да реализира серија цели за да биде платен. Тој има обврска во следната деценија осумкратно да ја зголеми вредноста на компанијата – од 1,5 прво на две милијарди долари, а потоа до 8,5 милијарди. Целите на Маск за следната деценија вклучуваат испорака на 20 милиони возила, еден милион роботакси во функција, продажба на еден милион роботи и заработка до 400 милијарди долари основна добивка.
Оваа фантастична исплата на Маск уште пред два месеца, кога беше најавена, ја коментираше папата Лав 14, алармирајќи за зголемената нееднаквост во богатството меѓу директорите на компаниите и работниците.
– Вчера беше објавена веста дека Илон Маск ќе стане првиот трилионер во светот. Што значи тоа и за што се работи? Ако е тоа единственото нешто што веќе има вредност, тогаш сме во голема неволја, изјави тој пред два месеца.
Исто така, во своето прво официјално интервју, откако беше именуван за поглавар на Римокатоличката црква, папата рече дека вртоглаво зголемените плати на извршните директори би можеле да го доведат светот во „големи проблеми“, уште тогаш посочувајќи го Маск како пример.
Поглаварот на Ватикан е познат по своите остри критики на зголемувањето на јазот меѓу работничката класа и богатите.
– Директорите можеби заработувале четири до шестпати повеќе од работниците пред 60 години. Последната бројка што ја видов покажува дека тие сега заработуваат 600 пати повеќе од просечниот работник, изјави тој за католичкиот портал „Крукс“.












