Нелегално поставените чадори за сонце, лежалки, пешкири и други слични предмети на плажите во Полихроно и Калитеа, беа отстранети, конфискувани и пренесени на рециклажа, во склоп на инспекциите кои ги спроведува Општината Касандра, на првиот крак на Халкидики.
Од Општината изјавија дека акцијата се одвивала во рамките на засилените инспекции за заштита на јавната природа на плажите, реализирана со поддршка од полицијата и без претходно известување, согласно со законот.
Туристите ноќе оставаат чадори за сонце, пешкири и друго со цел да си резервираат место за следниот ден. Она што им го одзедоа инспекторите во акцијата не им се враќа, туку се транспортира во рециклажен центар.
Инспекциите ќе продолжат и ќе се прошират низ целиот прв крак, а од општината нагласија дека „плажите им припаѓаат на сите” и апелираа да се почитува јавниот простор.