Ајварот стана деликатес, годинава ќе го нема на секоја македонска трпеза

Ајварот, кој порано беше дел од трпезите на речиси сите македонски семејства, сега малку семејства може да си го дозволат. Скапиот пипер, немањето пари да се дадат однапред за да се купат пипер и другите потребни додатоци и немањето време за подготовка го направија овој традиционален производ недостижен за многу семејства. Цената на тегла ајвар во маркетите се движи околу 200 денари, а речиси толку чини и да се направи дома. Така што, за подготовка на ајвар, македонските семејства од старт треба да издвојат неколку илјади денари. Но, освен парите, тука е и времето, младите денес, кои се затрупани со обврски, не може да одвојат неколку дена за подготовка на ајвар

124

Со доаѓањето на септември, започна и сезоната на зимници. Но, со оглед на цените на пиперката  ајварка и на другиот зеленчук, малкумина годинава ќе прават ајвар. Откупната цена на ајварката прва класа изнесува 50 денари за килограм, а на пазарите се продава за 50 до 100 денари, во зависност од големината и од квалитетот. Цената на тегла ајвар, пак, во маркетите се движи околу 200 денари. Според пресметките, една тегла домашен ајвар чини речиси колку купениот во маркет, но домаќинките што имаат време практикуваат да го прават дома, затоа што домашниот е повкусен. Но, последниве години, откако се донесе забраната за правење ајвар пред зграда и откако поскапи пиперот, традицијата на правење ајвар полека изумира. Но, и младите денес се затрупани со обврски, немаат време ни ручек да направат, а не, пак, да подготвуваат зимница.

Земјоделците од Струмичкиот Регион велат дека пиперките за ајвар веќе се продаваат на пазарите во земјава и дека цената се движи од 50, па до 100 денари за килограм. И покрај малото производство и извозот за Србија и за Косово, тие уверуваат дека ќе има во доволни количини за домашниот пазар и за индустријата.

– Приносите на пипер се намалени, а кога има помало производство, нормално е да се повисоки цените. Сушата си го направи своето и ги намали приносите од единица површина. Откупната цена за прва класа изнесува 50 денари, за прва-втора е 35 денари, за втора изнесува 20 денари, а за трета класа – 15 денари. Поради климатските промени и малото производство, и овие цени се ниски. Со оглед на зголемените трошоци за нафта, ѓубриво, наводнување, заштитни препарати, откупната цена треба да биде 60 денари за килограм. Во споредба со лани, не се намалени површините, намалени се количините, а откупните цени се минимално зголемени за 10 денари. Лани, прва класа се откупуваше по цена од 40 денари, прва/втора за 30 денари, втора за 20 денари и трета класа по цена од 12 денари за килограм – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.

Пресметките покажуваат дека на едно просечно четиричлено семејство, за подготовка на ајвар, му се потребни 50 килограми пиперки. Цената на пиперките е околу 50 денари, и тогаш само за пиперки треба да издвои 2.500 денари. Од 50 килограми пипер се добиваат околу 25 тегли ајвар, но кога ќе се додадат и маслото 200-300 денари, дрвата потребни за печење на пиперките и трудот што ќе се вложи, излегува дека е поевтино да се купи отколку да се прави. Една тегла домашен ајвар чини речиси колку оној од маркет, но вкусот не е ист. Постарите домаќинки што се пензионерки и имаат повеќе слободно време, практикуваат да прават домашен ајвар.

– Оваа година ќе правам неколку тегли ајвар и неколку тегли лутеница, бидејќи нема пари за повеќе. Сега пиперот е поскап за разлика отпорано, кога беше по 10-20 денари за килограм и кога се исплатеше да се прави домашен ајвар. Разликата беше многу поголема, а сега цената е тука некаде. Но, домашниот ајвар не може да се спореди со купениот, не само по вкусот туку и по тоа што подолго стои. Ако отворите тегла купен ајвар, може да ви скисне за неколку дена во фрижидер, а домашниот е попржен и може подолго време да биде свеж – вели една скопјанка.

Друга, пак, вели дека домашниот е повкусен и обично го подготвува дома, бидејќи децата повеќе го сакаат отколку купениот.

– Ако ги додадете на сметката, покрај пиперките, и маслото, дрвата, работната рака и еден или два дена потрошени за правење, тогаш ајварот навистина е скапа зимница. Но, сепак, правењето ајвар остана како традиција и покрај тоа што одамна го нема она маалско собирање по дворовите за лупење пипер. Сега секој си прави дома со семејството и најчесто младите немаат време, па ние, постарите, правиме и за нив – вели една домаќинка.

Доколку се земат предвид и трошоците за лутеница, туршија, малиџано, слатко, едно семејство треба да одвои половина просечна плата за подготовка на разни зимници. Но, поголем дел од семејствата ги немаат овие пари да ги дадат одеднаш, па затоа практикуваат да купуваат по една тегла од маркет.

Како и да е, ајварот, кој порано беше дел од трпезите на речиси сите македонски семејства, сега малку семејства може да си го дозволат.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ