Изминатиот викенд рибарите на Јадранското Море имале полни раце работа. Двајца пријавиле блиски средби со ајкули.
Прво, во близина на островот Жирија кај Шибеник, ајкула се закачила на риболовниот стап на риболовец додека ловел во морето. Втората блиска средба со ајкула во Јадранското Море се случила во Црна Гора, на околу една милја од Петровац. Ајкулата била фатена на парангал, а рибарот Мило Ѓукановиќ по голема борба со неа, на крајот, ја пуштил во морето.
Ајкулите не се честа појава во Јадранското Море, но експертите нè потсетуваат дека тие постојат во помали популации и дека повремено се приближуваат до брегот во потрага по храна. Иако обично не се опасни за луѓето, се препорачува претпазливост и почитување на правилата за риболов, пишува „Независне новине“.
За лов на ајкули се користат исклучително силни рибарски стапови што можат да издржат огромна сила. Кога ајкулата ќе загризе, борбата може да трае неколку часа, а кога ќе се донесе на бродот, никогаш не се вади од јадицата со раце, пренесува „Телеграф“.
Експертите предупредуваат дека ајкулите се приближуваат кон брегот поради затоплувањето на морето, кон што придонесуваат високите температури во овој дел од Јадранот во последните недели.
Последните два случаја на уловена ајкула не се единствени летово. Во јуни рибарот Гојко Митровиќ уловил млада голема бела ајкула и ја пуштил во морето на 12 километри од црногорскиот брег, на длабочина од 115 метри. Овој вид ајкула природно живее во Јадранското Море и го населува целиот Медитеран, но сега ја има значително помалку отколку во минатото. Според црногорскиот Институт за биологија на морето, овој улов на бела ајкула (Carcharodon carcharias) бил трет регистриран во црногорските води во последните речиси 30 години. Во Хрватска, пак, појавување млада единка на белата ајкула е забележано во 2023 година.
– Иако возрасните големи бели ајкули можат да претставуваат потенцијална опасност за луѓето, нападите се исклучително ретки. Стравот на луѓето од потенцијално опасни животни е разбирлив, но со точни информации без сензационализам е јасно дека фреквенцијата на напади од ајкули врз луѓе е значително помала во споредба со многу други животни, вклучувајќи ги и оние што ги среќаваме секој ден, објави во јуни црногорскиот Институт за биологија на морето.
Во Црна гора досега е регистриран само еден напад од ајкула врз човек. Во 1955 година во близина на популарната плажа Могрен во Будва, од ајкула загинал студент од Чачак. На источниот брег на Јадранското Море, нападите се исклучително ретки, а последниот фатален се случил во Хрватска во 1974 година. Последниот нефатален напад е регистриран во 2008 година во близина на островот Вис, кога голема бела ајкула нападнала нуркач кој носел уловена риба. Јазот помеѓу овие два напада е повеќе од 30 години.