„Ќе ти дојдам на Велигден, либе Стојанке,
кога бијат камбаните, кога ечат гордо, ќе ти дојдам на Велигден, кога слави цело село, кога слави ден Господов…“ Токму вака се пее во една од многуте македонски песни (и народни и забавни) што го слават големиот христијански празник, Велигден. Во тие песни се пее и за распнувањето и воскреснувањето на Исус Христос. Но, во нив се среќаваат и други мотиви врзани за Христовото воскресение. Сите тие песни се создадени, пред сè, да ја направат празничната атмосфера уште поемотивна за целото семејство, кое се собира пред богатата велигденска софра. Воедно, да се зачувуваат и да се негуваат македонската музика, македонската култура и македонската традиција кога е во прашање овој празник, за кој велат дека, покрај возрасните, најмногу со почит му се радуваат дечињата.
Покрај одлични забавни и народни велигденски песни, има и фантастични богослужбени духовни песни. Но, со текот на годините, најлогично е што на некое си, да речеме, прво место се наоѓа неофицијалната химна на овој празник, песната „На Велигден“ („Боже, толку народ јас не сум видел што на Велигден се насобрал, пеј мој народе македонски, љубов Божја сè ќе победи, тука најсилно ѕвонат цркви македонски, ајде, Боже, Ти ми помогни…“), која е авторско дело на познатиот музичар Џина Папас-Џокси и која тој прв ја има испеано. По него, и некои други пејачи ја снимија песната без која сега Велигден е незамислив. Пред сè, Ламбе Алабаковски, кој, исто така, со интерпретацијата ѝ даде свое специфично обележје.
Има и други македонски изведувачи што пеат или свират на тема Велигден, како, на пример, „Силви бенд“ („На Велигден“), „Мизар“ („Велигден“), Ѓоко Јовиќ („За Велигден“), Сузана Спасовска („Велигден дојде“), Благица Павловска („Христос воскресна“), Лени Партикова („Денес е Велигден“), Лозано („На Велигден“), Анастасија Митровска („Дојди ми на Велигден“), Елена Георгиева („Молитва за Велигден“) и многу други, ама со иста празнична порака: да си дојдеме едни кај други на Велигден, со прекрасна, искрена порака: „Дојди ми на Велигден, дојди на тој голем ден, дојди за мене. Дојди ми на Велигден, љубов да воскресне. Пак да бидат моиве очи, очи најсреќни…“ (Д. М.)












