Шпанското Министерство за права на потрошувачите во понеделник соопшти дека ѝ наложило на Airbnb, онлајн платформа за краткорочен изнајмување сместувачки капацитети, да отстрани повеќе од 65.000 огласи за одмор од својата платформа поради кршење на важечките прописи.
Шпанските власти ја донесоа оваа одлука поради загриженост дека одредени бизниси го влошуваат недостигот од домување и ги зголемуваат цените на недвижностите.
Имено, локалната самоуправа, во соработка со градските совети и регионалните тела, започна широка кампања против туристички изнајмувања преку платформи како Airbnb и Booking.com.
Многу Шпанци веруваат дека овие платформи го поттикнуваат масовниот туризам, ја намалуваат понудата на станови и им го отежнуваат пристапот до станови за изнајмување на локалните жители.
Според соопштението на министерството, повеќето од огласите што Airbnb мора да ги отстрани немале наведен број на лиценца, додека во некои случаи не било јасно дали сопственикот е физичко или правно лице. „Ербнб“ сè уште не одговорил на барањето за коментар, наведе „Ројтерс“.
Министерот за заштита на потрошувачите, Пабло Бустиндуј, изјави дека сака да стави крај на „недостатокот на контрола“ и „незаконитостите“ во секторот за изнајмување туристички објекти и да обезбеди подобра достапност на сместување и заштита на потрошувачите.
Градоначалникот на Барселона, Хауме Колбони, презеде најрадикален чекор, најавувајќи во јуни минатата година целосно укинување на изнајмувањето туристички објекти до 2028 година.