Под мотото „Дејствуваме денес – за воздухопловството утре!“, в сабота, во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 11 часот ќе се одржи ново издание на Воздухопловно-едукативниот саем за млади – „Air Fair 2025“, во организација на Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“.
Посетителите на саемот ќе можат да се запознаат со професиите: контролори на летање, пилоти, инженери, инспектори за безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај и многу други воздухопловни експерти.
– Стручниот тим на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) низ директна комуникација со посетителите ќе им овозможи на младите љубители на авијацијата да дознаат како се стигнува до пилотска дозвола, како функционира контролата на летање и колку е значајна безбедноста во секој чекор на воздушниот транспорт – наведуваат од АЦВ.
Покрај македонските воздухопловни ентитети, најавено е присуство и на гости од Унгарија, Италија и Србија.