Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) завчера спроведоа вонредна контрола кај увозник на почетна и последователна формула за доенчиња, како и диететска храна за посебни медицински потреби, откако преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни на Европската Унија (RASFF) добиле известување за небезбеден производ на македонскиот пазар.
Станува збор за производот APTAMIL AR 2, ENG 24×400 g, серија 2027.01.02, во вкупна количина од 912 парчиња, со потекло од Ирска. Контаминацијата е утврдена со присуство на токсин Цереулид, а како извор е наведено маслото ARA.
При контролата било констатирано дека целокупната количина е веќе дистрибуирана на пазарот и не е пронајдена во магацините на увозникот. Увозникот веќе започнал итно повлекување на производот, а АХВ апелира до сите потрошувачи кои го имаат купено да не го користат или да го вратат на местото на купување.
Во меѓувреме, Агенцијата ја следи ситуацијата со повлекувањето на неколку брендови формули за доенчиња на компанијата „Нестле“ во Европа и проверува дали тие се увезени во земјава. Досега за нив нема добиено известување преку RASFF. АХВ уверува дека како одговорна институција ќе преземе соодветни мерки за заштита на животот и здравјето на бебињата.












