Грција и Израел потпишаа меѓувладин договор во Тел Авив за инсталирање на системот за воздушна одбрана и противбалистички ракети „Ахилов штит“, објавија денес грчките медиуми. Овој договор, вреден повеќе од три милијарди евра, официјално беше активиран по три години преговори и технички дискусии, објавува порталот Прототема.
Спогодбата предвидува развој на интегриран систем за воздушна одбрана центриран на мрежа, со учество на израелски компании како што се IAI, Rafael и ELTA Systems. Најмалку 25 проценти од програмата се однесува на грчката одбранбена индустрија и предвидува инвестиции и трансфер на знаење до грчки компании.
„Ахиловиот штит“ не се однесува само на испорака на нови системи за воздушна одбрана и противбалистички системи, туку претставува и целосна реорганизација на грчката воздушна одбрана.
„Се наоѓаме во ера на радикални промени во која продолжуваме со сеопфатна и фундаментална реформа на грчката војска со апсолутна свест за дисфункциите од минатото. Грција е првата земја во Европската Унија што усвои сличен систем. Брзите промени се неопходен услов за национален опстанок во услови на ревизионизам и растечки закани“, изјави грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендиас.












