Летниот преоден рок би можел да донесе големи пресврти во таборот на Лос Анџелес лејкерс. Како што објавија американските медиуми, се зголемуваат шпекулациите дека франшизата би можела да остане без својата најголема ѕвезда – Леброн Џејмс.
Наводно, Лејкерс размислува за целосен ремонт и сака да изгради тим околу Лука Дончиќ, кој би станал негово ново лице. Во овој контекст, Џејмс би можел да биде разменет и веќе се шпекулира за неговите можни дестинации. Меѓу најчесто споменуваните се Далас, Голден стејт, Клиперс и неговиот поранешен тим – Кливленд.
Агентот на познатиот кошаркар, Рич Пол, во неколку наврати даде изјави со кои дополнително ги разгоре шпекулациите.
- Сакаме да размислиме што е најдобро за Џејмс во овој момент од неговата кариера. Тој сака да го искористи максимумот од секоја сезона што му преостанува и Лејкерс го разбира тоа – истакна Пол, сугерирајќи дека се можни сите опции.
Сепак, во своето последно појавување на радиото „SiriusXM“, долгогодишниот застапник на Леброн беше попретпазлив.
- Има толку многу шпекулации во НБА. Секој си има своја работа. Нека си ја работат работата, не е наше да кажуваме што е правилно, а што не. Тоа не е во нашиот фокус. Треба да уживаме во летото. Имам толку многу работи да направам. Не може да негирате сè што кажал некој – порача Пол.
Конечно, тој упати порака до својот клиент, како и до другите играчи.
- Никој не очекува толку многу како него. Но, мојата порака до него е дека треба да продолжи да си ја бара својата среќа. Не може да докажете дека сите грешат. Секогаш ќе има критики, и тоа е порака за сите играчи – заврши агентот на Леброн.