Приближно 40.000 евра во денарска противвредност е вкупниот износ на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети.
Како што се наведува во соопштението на АХВ, во акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, се контролирани 188 оператори со храна од оваа категорија.
„Кај 10 оператори се утврдени полесни повреди од областа на безбедноста на храната, како неселектираност на разладните уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично, за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета е констатирано дека вработените лица немаат санитарни книшки“, соопштени Агенцијата.
Оттаму додаваат дека кај 6 од контролираните маркети е утврдено дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на добра производствена и добра хигиенска практика, а кај 14 маркети била најдена храна со изминат рок на траење.
Како небезбедни се одземени и нештетно уништени повеќе од 253 килограми храна – месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи.












