САД и Македонија се согласни дека транспарентните институции и силните економии се основата на успешна демократија. Ова го истакна американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, на настанот „Зајакнување на институционалните капацитети: одбележување на соработката меѓу САД и Северна Македонија“, на кој беа претставени досегашната и идната соработка меѓу Министерството за финансии и трезорот на САД.
– Оваа специјална програма меѓу трезорот на САД и Владата на Северна Македонија, поконкретно Министерството за финансии, започна во 2022 година, но соработката започна многу порано. Денес, оваа програма е втора по големина на американското Министерство за финансии во светот. Напорите се насочени кон петте критични области: Управата за јавни приходи, финансирање во инфраструктурата, банкарски и финансиски услуги, буџетска одговорност и борба против економскиот криминал – истакна Агелер.
Агелер нагласи дека успехот на ова партнерство е сведоштво за нашите споделени заложби и отворена средина за соработка поттикната од Министерството за финансии.
Американската амбасадорка посочи дека реформите ќе помогнат во диференцирањето на финансиите, проширувањето на капиталните пазари и во намалувањето на зависноста од надворешни долгови.
Претходно, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, истакна дека ова партнерство не е само поддршка туку и долгорочен процес на јакнење на институциите, зголемување на експертизата и создавање модерни системи што ќе обезбедат предвидливи, одговорни и транспарентни јавни финансии.
Таа, осврнувајќи се на соработката со Министерството за финансии на САД преку нивната Канцеларија за техничка помош (ОТА), рече дека соработката со Tрезорот на САД во делот на секторите Буџет и Трезор има длабоки корени и дека нашиот систем за буџетско планирање бил првично развиен со техничка помош од САД во периодот од 2004 до 2008 година и претставува основа врз која денес градиме современо управување со јавните финансии.












