АФРИМ ГАШИ СО ОТЧЕТ ЗА ПРВАТА ГОДИНА ОД МАНДАТОТ: Околу Собранието ќе се прогласи безбедносна зона

728

Во следниот период за донесување ќе биде предложен законот за прогласување на безбедносна зона околу македонското Собрание, најави денеска претседателот на македонскиот парламент Африм Гаши. На прес-конференцијата, тој се обрати по повод навршувањето на една година од неговото стапување на функција. Предлагањето на овој закон Гаши го наведе како мошне важен чекор, со кој ќе се реши долгогодишниот проблем врзан со просторот до Собранието, кој е во приватна сопственост и каде што требаше да се гради катна гаража.

-Сакаме сите пратенички групи да го донесат овој закон за да се реши големиот проблем. Беше горко чувство Собранието да нема свој двор, а се надевам дека со законот дворот и ќе се уреди и таму ќе има и посебен паркинг. Го решаваме дворно место каде што требаше да се гради катна гаража и е приватен имот. Со законот тоа место ќе ѝ припадне на државата и ќе биде прогласено за безбедносна зона. Колку што знам, сопственикот на имотот ќе добие отштета во висина на сумата што ја платил за земјиштето. Начинот на откупот ќе биде објаснет со законското решение – објасни Гаши.

Тој додаде дека воспоставување на „безбеднсна зона“ не е ист проект со оној за воспоставување на посебно собраниско обезбедување, а околу што работи посебна работна група.

Во отчетот за работа на Гаши, за што на новинарите им беше претставен и посебен документарен филм, се наведени бројни активности. Спикерот на парламентот посебно се пофали, со тоа што ја унапредил транспарентноста и дигитализацијата на Собранието.

-Три вакви платформи станаа темел на нашиот начин на работа. Инаку, имавме многу тешки ситуации во Собранието во изминатава година. Но, не би зборувал за нив посебно. Предизвик е и не е лесно да се биде претседател на Собранието. Посветеноста правеше да ги надминуваме проблемите. Креиравме добра релација со сите пратенички групи – потенцира Гаши.

Во отчетот е наведено дека во изминатава година биле одржани 50 пленарни седници, дека се разгледани околу 280 законски решенија, дека имало 12 интерпелации за државни функционери, а парламентот го посетиле повеќе од 14.000 граѓани.

-Четири закони беа донесе без злоупотреба на европското знаменце – беше наведено во прилогот презентиран на новинарите.

На новинарското прашање колку пратеници сега има парламентарното мнозинство, тој рече дека „во моментот не може да каже“.

-Не знам колку пратеници ќе брои мнозинството. Можно е да се зголеми, зборуваме за над 70 пратеници и за двотретинско мнозинство. Важно е да ни се придружат што повеќе пратеници – одговори Гаши.

Од друга страна, лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, денеска изјави дека најавите дека пратеници од Европскиот фронт ќе прејдат во Вреди или во владиното мнозинство се една голема лага.

-Тоа е специјален начин на службите да се направи раздор во една група и на таков начин да се постигне целта. Такво нешто нема. Ние многу често се соочуваме со вакви тврдења. И минатиот мандат имаше најави дека ќе си заминат овие или оние пратеници, но не се случи. Мислам дека тоа се специјални начини на дејствување од страна на службите и имаат за цел да градат недоверба меѓу партнери, коалициски партнери и тоа е најдобриот начин потоа да се направи раздор во групата и да се постигне целта, рече Села на прес-конференција во Собранието во одговор на новинарско прашање.

Тој истакна дека не може да даде одговор дали би прифатил Таравари да се приклучи кон Европскиот фронт, бидејќи, според него, тој прво треба да го каже ставот околу тоа прашање. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ