Африм Гаши: Несериозно е ова што се прави околу Народниот правобранител

109

Од државен аспект, несериозно е ова што се прави околу институцијата Народен правобранител, реагира денеска Африм Гаши, собранискиот претседател. На брифингот со новинари, тој рече дека ќе вложи личен напор за да се надмине проблемот со неизборот на новиот народен правобранител. Вчера, вработените во оваа институција алармираа дека ќе се соочат со целосна парализа од 1 јануари 2026 година поради неуспехот на Собранието да именува наследник на Насер Зибери. Вработените најавуваат и прекин на работата поради неисплатени плати.

– Мојата загриженост поради незиборот е голема. Од државен аспект е несериозно една таква институција да се остави без раководител. Ќе направам и личен напор да се постигне договор околу изборот на првиот човек на таа институција – рече Гаши.

Проблемот со неизборот на наследникот на Насер Зибери настана откако не може да се обезбеди Бадентеровото мнозинство, односно гласови на 20 пратеници од немакедонските заедници. Опозициската коалиција НАИ предводена од ДУИ не се согласува со предлогот новиот правобранител да биде Фатон Сељами, кој е поддржан од коалицијата „Вреди“.

–Треба да најдеме решение за да продолжи институцијата да функционира. Не може една институција да зависи од избор на еден функционер. Треба да најдеме алтернатива – нагласи Гаши додавајќи дека очекува разговори меѓу политичките партии во Собранието околу овој проблем. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ