Африм Гаши: Не е угледно  да формираме техничка влада

62

Како на земја членка на НАТО, со стабилна влада, не е угледно  да формираме техничка влада, изјави денеска собранискиот претседател Африм Гаши. На редовниот брифинг со новинари тој го изнесе својот личен став дека на државата повеќе не ѝ е потребна т.н. пржинска влада.

– Мој личен став е дека техничката влада беше едно ад-хок решение наменето за решавање на тогашната политичка криза. Се смени законот само за таа криза. Како на земја членка на НАТО, со стабилна влада, не е угледно  да формираме техничка влада, дотолку повеќе што гледаме дека во последните изборни циклуси изборите течат непречено, без забелешки. Еве, вчера завршија локалните избори, сите си честитаа, во две општини победија опозициски партии, немаше проблеми на изборите, немаше притисок. Нема зошто и натаму да влегуваме во  такви процеси. Не велам дека сме созреале до степен на скандинавска демократија, ама не сме ниту ризична земја во делот на демократијата и организирањето избори. Сметам дека многу сме напреднале во тој дел – вели Гаши одговорајќи на новинарско прашање врзано за претстојната лидерска средба на таа тема.

Според Гаши, на земјава во овој период не и се потребни предвремени парламентарни избори.

– Јас сум поборник на идејата за редовни избори, за носење закони во редовна постапка. Со предвремени избори креираме политичка и економска нестабилност. Треба да настојуваме да ги завршуваме мандатите до крај и граѓаните на избори да ценат колку власта исполнила од тоа што го ветила со програмата. Вака, на половина мандат власта може да рече дека немала доволно време да ги реализира ветувањата. Јас сум за редовни избори, но, за тоа одлучува мнозинство од 61 пратеник. Политичката волја на пратениците е таа што одлучува кога би оделе на избори – рече Гаши. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ