АФРИМ ГАШИ НАЈАВИ ЕКСПРЕСНО УСВОЈУВАЊЕ НА ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ПРОМЕНИ ВО ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК: Независните и натаму ги скокаат партиските сопки, ќе бараат поддршка од претседателката

693

Предложените измени во Изборниот законик со кој уште повеќе се заострени условите за кандидирањето на независните кандидати на локалните избори се очекува да бидат усвоени во наредните десетина дена по брза постапка. Ваква најава добиле претставниците на седум граѓански организации на минатонеделната средба со собранискиот претседател, Африм Гаши.

– Освен тоа, претседателот Гаши ни рече дека зад предлогот стојат потпишани сите пратенички групи на партиите и коалициите застапени во Собранието. Значи, партиите направија консензус околу новите невозможни услови кои се однесуваат на наше учество на изборите. Сè ќе оди по брза постапка, без расправа. Со исклучок на Вреди, ниту една од партиите воопшто и не сакаа да нè примат на средбата за да им ги објасниме нашите аргументи и поднесените амандмани од наша страна – ни изјави Татјана Чакулев од „О2 иницијатива“.

Таа рече дека ако се случи експресното усвојување на новите услови, тие ќе побараат од претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, да не го потпишува указот за промените кои, очигледно, ќе бидат брзо усвоени.

– Од неа, како еминентен уставен експерт, очекуваме да застане на исти позиции како и Уставен суд кога ги укина досегашните невозможни услови во Изборниот законик – потенцира Чакулев.

Граѓанските организации „О2 иницијатива“, „Шанса за центар“, „Независни за Карпош“, „Подобро за Тетово“, „Зелен хуман град“…, кои планираат да имаат свои кандидати, се револтирани од предлогот соопштен минатата недела со кој се предвидени нови услови за независните кандидати. Како што објасни тогаш Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, главен услов за кандидатура ќе биде потребниот број потписи за поддршка, а кој ќе зависи од бројноста на населението во некоја од општините

– Ќе има градација на потписите согласно со бројот гласачи во одредени општини па така: за општини со број на гласачи: до 10.000 – најмалку 100 потписи, од 10.001 до 20.000 – 200 потписи, од 20.001 до 30.000 – 300 потписи, од 30.001  до 40.000 – 400 потписи, од 40.001 до 50.000 – 500 потписи, од 50.001 до 60.000 – 600 потписи, од 60.001 до 70.000 – 700 потписи, од 70.001 до 80.000 – 800 потписи, од 80.001 до 90.000 – 900 потписи, за општини преку 90.001 жители најмалку 1.000 потписи, а за град Скопје – најмалку 3.500 потписи од граѓаните запишани во Единствен избирачки список.

До ова доаѓа откако требаше да се пополни правната празнина по одлуката на Уставниот суд да укине два члена од Изборниот законик. Така, уставните судии како недемократски ги укинаа членовите кои предвидуваа обврска да се собира по 1 процент од вкупно запишаните гласачи. Со тоа, независните беа принудени да собираат од неколку стотици потписи по помали општини па до дури 4.500 за кандидатури за Градот Скопје.

– Само во случај на кандидатура за Скопје е намален бројот на потребните потписи: ако 1 процент од запишаните гласачи подразбираше околу 4.500 потписи сега ќе се бараат околу 3.500, односно, 0, 77 проценти. Кај другите општини, процентот кој се бара ќе биде поголем од неодамнешниот услов од 1 отсто, а кој Уставниот суд го укина како недемократски. Значи, условите се уште повеќе потешки наместо да бидат олеснети – вели Чакулев за ВЕЧЕР.

На средбата со Африм Гаши, независните добиле објаснување дека новите скалести услови биле преземени по моделот од Германија, предвиден за независните кандидати. Но, граѓанските организации извршиле проверка и откриле дека според германското законодавство за кандидирањето во општините помали од 2.000 жители се потребни 20 потписи, за оние преку 50.000 жители – 100 потписи , а за повеќе од 100.000 – 160 потписи и за преку 350.000 – 240 потписи…

На локалните избори во 2021 година за независна кандидатури за град Скопје беа потребни 1.000 потписи, а за општините какви што се Карпош, Кисела Вода, Аеродром … по 350.

Уставните судии со своја укинувачка одлука за заострените услови во Изборниот законик оценија дека со зголемувањето на бројот на потписите потребни за кандидирање на независните кандидати тие се елиминираат од изборниот процес.

– Им се оневозможува да го остварат правото на кандидирање како елемент на пасивното избирачко право, со што и на граѓаните кои нив ги поддржуваат им се ограничува избирачкото право и правото на политичко дејствување бидејќи нивниот избор се сведува само на партиски кандидати и на политичкото дејствување во рамки на политичките партии. Ограничувањето на бројот на потенцијални изборни субјекти во изборниот процес ги одзема демократските атрибути на слободни и фер избори и директно го загрозува и слабее политичкиот плурализам, како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот – потенцираа во одлуката уставните судии. (Б.Ѓ.)

Нова иницијатива пред Уставен суд

Доколку новопредложените поостри услови бидат пак усвоени за десетина дена, граѓанските организации пак ќе побараат заштита од Уставниот суд.

– По евентуалното усвојување, пак ќе поднесеме иницијатива. Се надеваме дека уставните судии ќе реагираат брзо, односно, дека нема да чекаат да поминат изборите. Случајот е јасен и веќе одлучен и нема да биде потребно многу време за споредба дека и новите решенија не се демократски – потенцира Татјана Чакулев.

 

 

ИЗДВОЕНИ