АФРИМ ГАШИ НА ПОТЕГ ОТКАКО ПРОПАДНА ГЛАСАЊЕТО ВО ГОСТИВАР, ЦЕНТАР ЖУПА, ВРАПЧИШТЕ И МАВРОВО И РОСТУШЕ: Празни кутии – нови избори, четири општини стартуваат од нула

Прво ќе се чека да завршат локалните избори во сите останати општини со гласањето во вториот круг, за да потоа биде закажано ново одржување на изборите во рок од 60 дена. Според правилата, се повторува целата постапка со сите изборни дејства и со ново поднесување кандидатури. Клучна разлика е што на повторувањето веќе нема да се поставува услов за излезност од една третина од запишани избирачи. Во јавноста има и дилеми дали големиот број иселеници е единствената причина за неуспешниот прв круг или имало и премолчен бојкот во некои од овие општини? Аналитичарите предупредуваат дека зад нискиот одѕив на граѓаните на гласачките места и големиот број неважечки ливчиња најверојатно се кријат зголемено незадоволство и протест.

236

Од нула, со целосно нова процедурална постапка ќе се врши повторување на изборите во четирите општини во кои ќе се повторува гласањето за избор на градоначалници и на општински совети, а што во неделата пропадна поради нискиот одѕив. Тоа значи дека прво ќе се чека да завршат локалните избори во сите останати општини со гласањето во вториот круг, за да потоа биде закажано ново одржување на изборите во Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Според правилата, се повторува целата постапка – изборите во овие четири општини ќе треба да бидат распишани, треба да се определи роковник за сите изборни дејства (увид во избирачки список, собирање на потписи, поднесување кандидатури…) и дури по што ќе се пристапи на гласањето во првиот изборен круг. Но, со клучна разлика – во првиот изборен круг веќе нема да се поставува услов со кој за успешен прв круг се смета гласањето на повеќе од една третина запишани избирачи. Со тоа, по две недели ќе може и да се одржи вториот изборен круг и да завршат изборите. Но, во меѓувреме, на чело на овие општини наместо досегашните градоначалници, Владата има право да постави свои повереници кои ќе ги вршат сите надлежности во овој изборен период.

Вакви објаснувања денеска добивме во Државната изборна комисија како одговор на прашањата како ќе продолжат изборите во овие општини каде што ќе мора да се повтори гласањето. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, прексиноќа објави дека во четири општини не се исполнети законските услови за излезеност.

– Законски минимум е излезност од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина, односно 33,33 отсто. Но, тоа не се оствари. Поради тоа ќе се повтори целиот прв изборен круг и тоа во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.  Во Гостивар одзивот беше  33,31 отсто, шти значи дека недостасувале само 0,02 проценти или 22 гласа, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто – информира Кондарко на седницата на ДИК.

Актуелниот градоначалник на Центар Жупа, Аријан Ибраим, кој беше и меѓу тројца кандидати за кои се гласаше во првиот изборен круг, денеска ни изјави дека повторување на изборите имало и пред четири години.

– Главен проблем е што во општината имаме запишани 7.551 избирач, а резидентно население во Центар Жупа изнесува 3.720. Значи, поради иселувањето, тешко дека можеме да го исполниме цензусот од една третина излезени запишани избирачи. На локалните избори во 2021 година двапати го повторувавме гласањето и јас бев избран дури во третиот обид во август, кога тука имаше доста вратени печалбари. Немаше друг начин – изјави Ибраим за весникот ВЕЧЕР.

Во јавноста има и дилеми дали големиот број иселеници е единствената причина за неуспешниот прв круг или имало и премолчен бојкот во некои од овие општини?

Ибраим додава дека тогаш неуспешни биле повторувањата на изборите и во Маврово и Ростуше и поради што подоцна била извршена измена во Изборниот законик за да нема услов од една третина излезени избирачи.

–Во Законот се додаде нов член 132-а, кој предвидува на повторените избори да не се применува условот со излезноста од една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина – објаснува Ибраим.

Ова за весникот ВЕЧЕР го потврдија и во ДИК, од каде што објаснија дека сега прво ќе мора да се почека завршувањето на тековните избори.

–Потоа, ние ќе го информираме претседателот на Собранието, Африм Гаши, дека не се спроведени изборите во овие четири општини. Тој треба да определи нов термин за одржување на првиот и на вториот изборен круг во нив. Тоа ќе значи дека постојните кандидати, но и сите други кои ќе посакаат да влезат во изборна трка, ќе треба да поднесат кандидатури до надлежните општински изборни комисии. Изборниот процес ќе тргне целосно од почеток – наведуваат од ДИК.

Од друга страна, повторувањето на изборите отвора можност Владата во овие четири општини да именува и свои повереници што ќе ги вршат работите на досегашни градоначалници. Според член 134 од Изборниот законик, ДИК треба да ја информира и Владата за неуспешни избори.

–По добивањето на известувањето Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот. Владата најдоцна во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереник го известува претседателот на Собранието заради распишување на избори за градоначалник – се наведува во законската одредба.

Премиерот Христијан Мицкоски уште во август годинава најави можност за именување на владини повереници во општини во кои ќе има неуспешно гласање.

– Можно е Владата да именува повереници ако не успеат изборите во некои општини. Сè е можно, откако ДИК дозволи кандидирање со два потписа можно е гласачкото ливче да биде 7-8 метри и да ги обесхрабри граѓаните да излезат на гласање. Но тука сакам да предупредам дека согласно со Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници – изјави тогаш Мицкоски.

Со ова, практично, владините повереници ќе го преземат управувањето во општините во текот на изборните дејства, а со кои досега раководеа досегашните градоначалници. Од вкупно четири, тројца од нив – во Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште – се и кандидати на изборите. (Б. Ѓ.)

Граѓански протест со рекорден број неважечки ливчиња

Зад нискиот одѕив на граѓаните на гласачките места и големиот број неважечки ливчиња на неделниот круг на гласањето на локалните избори, најверојатно, се кријат протест и незадоволство. Вакво е мислењето на политичките аналитичари по објавените податоци од ДИК дека излезноста на граѓаните изнесувала  48,30 отсто, а што е најмала во однос на досегашните седум циклуси на локалните избори. Истовремено, евидентиран е и рекордно голем број неважечки ливчиња – од вкупно 884.851 избирач кој гласал, дури 53.713 ливчиња биле прогласени за неважечки — што претставува 6,1 отсто од сите гласови. Најголем дел од нив, повеќе од 12.000 ливчиња, се евидентирани во Град Скопје. Во споредба со претходните избори, бројките јасно покажуваат постојан пораст на неважечките ливчиња: На локалните избори во 2021 година имаше 37.859 неважечки ливчиња, а на ланските парламентарни избори 27. 127.

Аналитичарите предупредуваат дека зголемувањето на неважечките гласови може да укажува на зголемено незадоволство кај гласачите.

– Нема дилеми дека и нискиот одѕив и големиот број неважечки ливчиња се индиции за незадоволството на граѓаните. Првин треба да се види од кои подрачја потекнуваат неважечките ливчиња, односно, дали незадоволството е концентрирани во едно подрачје или пошироко. Но како и да е, сè тоа се индиции за протестна порака испратена од граѓаните и нивниот цинизам кон политиката –изјави аналитичарот Петар Арсовски за весникот ВЕЧЕР.

 

ИЗДВОЕНИ