вторник, февруари 10, 2026
Дома СВЕТ Аферата „Епстин“ може да биде крај за британската монархија, смета американски конгресмен,...

Аферата „Епстин“ може да биде крај за британската монархија, смета американски конгресмен, член на комитетот што го истражува скандалот

37

 

Аферата за врската на поранешниот принц Ендрју со осудениот сексуален престапник, Џефри Епстин, може да биде „крај на монархијата“, смета американскиот конгресмен Ро Кана, член на комитетот што го истражува скандалот.

За „Скај њуз“, тој изјави дека кралот Чарлс треба да одговори на прашањата за скандалот што го опфаќа неговиот помлад брат, Ендрју Маунтбатен-Виндзор.

– Мислам дека ова е најранливата ситуација во која се нашла монархијата некогаш. Треба да им се постават прашања на кралот и кралицата. Ако немаат одговори, ако се вмешани во случајот со Епстин, тоа не е добро за британската монархија. Кралот мора да одговори што знаел за Ендрју, а само одземањето на титулата на Ендрју не е доволно – рече конгресменот.

Тој додаде дека Ендрју треба да излезе пред американскиот комитет што го истражува скандалот и да почне да одговара на прашањата.

– Не мислам дека е соодветна казна повеќе да не можеш да бидеш принц. Мора да има повеќе од тоа. Тие треба да одговорат, кралот и кралицата, не го разбирам британскиот обичај некој да ѝ постави прашање на кралицата, а кралицата да биде навредена што ѝ е поставено прашање. Таа носи иста облека, јаде иста храна, таа е само човечко суштество, треба да одговори на истите прашања што ги поставуваат сите – истакна Кана.

Ендрју Маунтбатен-Виндзор ги негира обвинувањата за врска со Епстин и нема никакви индиции дека било вмешано поширокото кралско семејство во аферата. Но, педофилот бил поканет во Бакингемската палата и го посетувал имотот Балморал. Соучесничката и осудена за сексуална трговија со луѓе, Гислејн Максвел, исто така, била фотографирана во Сандрингам, во друштво на Ендјру.

Демократската конгресменка Јасмин Крокет, која, исто така, е членка на комитетот што го истражува скандалот, изјави дека треба да се разгледаат доказите и да се види кој е вклучен „во оваа многу заплеткана мрежа“.

– Мислам дека треба да разговараме со секого, дури и ако тоа значи дека ќе одиме толку високо – рече таа.

Мејловите од неодамна објавениот пакет документи поврзани со Епстин наводно покажуваат дека поранешниот принц пренесувал извештаи од посетите на Сингапур, Хонг Конг и Виетнам, како и доверливи детали за инвестициските можности.

Бакингемската палата соопшти дека кралот Чарлс изразува длабока загриженост во врска со обвинувањата за Ендру Маунтбатен-Виндзор и ќе биде подготвен да ја поддржи полицијата доколку биде контактиран поради тврдењата. Полицијата во понеделникот потврди дека ги проценува тврдењата дека Маунтбатен-Виндзор, во 2010 година, со Епстин споделувал доверливи извештаи кога бил владин трговски претставник.

 

ИЗДВОЕНИ