Норвешкиот престолонаследник Хакон денес изјави дека кралското семејство ќе продолжи да ги извршува службените должности додека неговиот посинок се соочува со судење по обвинение за силување, додавајќи дека ова е предизвикувачки период за сите вклучени во случајот.
Дваесет и осумгодишниот Мариус Борг Хојби, син на престолонаследничката принцеза Мете-Марит и посинок на кралот Хакон, беше обвинет во среда за 32 кривични дела, вклучувајќи силување на четири жени, како и семејно насилство и напад, објави „Ројтерс“.
Хојби ги негира најсериозните обвиненија, вклучувајќи силување и семејно насилство, но планира да се изјасни за виновен за некои помали обвиненија кога ќе започне неговото судење, изјави неговиот адвокат во среда.
Доколку биде осуден по најсериозните обвиненија, може да се соочи со затворска казна до 10 години.
Се очекува судењето да започне во јануари и да трае шест недели, рече обвинителот.
„Исходот од случајот ќе го одлучат норвешките судови. Ќе продолжиме да ги извршуваме нашите должности најдобро што можеме, како што сме правеле секогаш“, изјави крунскиот принц Хакон пред новинарите, додавајќи дека ова веројатно ќе биде предизвикувачки и тежок период за сите вклучени.
Истрагата започна во август минатата година, кога полицијата се посомнева дека Хојби физички нападнал жена со која бил во врска.
Потоа Хојби призна во изјава за медиумите дека ѝ нанел телесни повреди на жената додека бил под дејство на кокаин и алкохол и изрази жалење за своите постапки.
Хојби, кој нема кралска титула и не е во редот на наследување, е постариот полубрат на принцезата Ингрид Александра, која е втора во редот за наследување на тронот по нејзиниот татко Хакон.