Иако веќе се сметаше за еден од најимпресивните, аеродромот во Истанбул дополнително ги подобри своите оцени оваа година и повторно ја освои титулата најдобар во светот.
Аеродромот во Истанбул, најголем во Европа, е прогласен за најдобар аеродром во светот втора година по ред, според анкетата на водечкото туристичко списание „Travel and Leisure“.
– И ако е можно, аеродромот стана уште подобар, обезбедувајќи оцена од 98,57 во споредба со минатогодишните 95,79 – се вели во соопштението на списанието „Travel and Leisure“, пренесува агенцијата „Анадолија“.
Во него се вели дека резултатот од оваа година е „исклучително импресивен“ со оглед на тоа што аеродромот во Истанбул беше рангиран на седмото место во анкетата за 2023 година, со резултат од читателите од 83,36.
Во 2024 година, аеродромот опслужил околу 80 милиони патници, што го прави најголем и втор најфреквентен во Европа, според Генералниот директорат на државните аеродроми.
Исто така, минатата година беше најфреквентен центар за воздушен товар во Европа, според годишниот извештај за сообраќај за 2024 година, на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) за Европа.