Аеродромци продолжуваат со протестите против загадувањето од двете депонии – „Вардариште“ и „Дрисла“. На истото место, кај мостот „Близнаци“ и во авионот Паркче, тие нагласија дека Скопје со денови се дави во отрови, но не само од „Вардариште“ туку и дека „Дрисла“ се вклучила во ова труење, со што чадот и канцерогените честички не останале во еден дел, туку се рашириле низ цел град.
Вчера, во 18:00 часот, тие маршираа по булеварите „Србија“ и „Јане Сандански“, извикувајќи: „Со отров за нас, не барајте глас“, „Досте нè труете!“, „Сакаме воздух!“… Се упатија пред седиштето на Општина Аеродром, каде што со „ууу“ беа „поздравени“ општинарите, откако еден од нив ги повика со мегафон да го сторат тоа.
Граѓаните се решени и понатаму ќе се борат, како што велат, за воздухот на своите деца. Нивните писмени барања, како што потенцираа, ќе бидат бидат доставени до сите власти.
Иницијативата „Стоп за Вардариште“ бара: итни мерки за гаснење на активните пожари на депонијата, која веќе две децении е официјално затворена, а, сепак, отворена за влез на отпад и за палење; да се обезбедува локацијата со физичко присуство од МВР или на припадници на АРМ; да се постави ограда, но и камери, вклучително термални на повеќе точки, кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7.
– Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и за затворање на депонијата „Вардариште“, согласно со еколошките стандарди. Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорност. Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад – се другите барања на „Стоп за Вардариште“.
За иницијативата, нема сомнеж дека ова не е само еколошко прашање туку и прашање на јавната здравствена безбедност.
– Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за, конечно, решавање на овој долгогодишен проблем. Доста е! Скопје не смее повеќе да тоне во отрови – порачаа од иницијативата.