Тревната површина до ТЦ „Капитол мол“ повторно ќе биде целосно отворена и вратена на користење на сите граѓани. Од Општина Аеродром известуваат дека утринава започна отстранувањето на објектот кој со години беше поставен на тревникот покрај булеварот „Јане Сандански“.
– Овој објект функционираше врз основа на Решение за поставување урбана опрема, издадено пред десетина години од Град Скопје, но чија важност е истечена. Бидејќи објектот нема важечко одобрение, тој ќе биде целосно демонтиран и просторот конечно ќе се ослободи за користење – велат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека по отстранувањето, ќе се пристапи кон уредување на локацијата со современа урбана опрема, зелени површини и ново, модерно детско катче.
– Со овој чекор, тревникот повторно ќе стане пријатно, безбедно и заедничко место за рекреација, игра и дружење – токму онака како што заслужуваат жителите на Аеродром – нагласуваат од Општината.












