Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава по барање на „Оne Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „4iG“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар. Тендерот е отворен од 16 април и ќе трае до 16 мај 2025 година.
За работа во Македонија на унгарската телеком-компанија „4iG“ и се потребни одобренија од АЕК за радиофреквенции за јавни мобилни/фиксни комуникациски мрежи МFCN, вклучувајќи ги и IMT-2020/5Г мрежите.
– Бројот на одобренија за користење на радиофреквенции е неопходно да биде ограничен со цел да се обезбеди ефикасно користење на радиофреквенцискиот спектар, да се обезбедат максимални поволности за корисниците и да се поттикне конкуренцијата. Во однос на регулаторната политика за користењето на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, Агенцијата треба во секое време да обезбеди ефикасна и одржлива конкуренција, што подразбира присуство на пазарот на повеќе од два мрежни оператори на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги. Поради тоа одобренијата што се предмет на оваа намера ќе се издаваат само на нови мрежни оператори, односно писма за искажување интерес од страна на постоечките мрежни оператори (А1 Македонија и Македонски Телеком) нема да бидат земени во предвид – се наведува во намерата за тендерот.
Одобренијата за користење на две радиофреквенции ќе се со важност од 12 години (со важност до 2037 година), а третото одобрение за радиофреквенции ќе биде 8 години (со важност до 2033 година), поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори.
Операторот што ќе добие одобрение е должен до крајот на 2026 година најмалку еден град да биде покриен со 5Г сигнал, до крајот на 2028 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал, како и тоа дека до крајот на 2032 година секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 мегабити во секунда.
Носителот на одобрението мора да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од 1 година од датумот на отпочнување на важност на одобрението. Во областите каде што има слаба или воопшто нема покриеност, доколку носителот на одобрението планира да гради нов сајт ќе мора да ги консултира и останатите оператори за заедничко инвестирање. Исто така операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.
Лани на 17 декември групацијата „4iG“, преку својата подружница One Македонија Телекомуникации официјално достави писмо за намери до АЕК, каде изрази интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државава. Претходно раководството на компанијата потпиша меморандум за соработка со македонската Влада. Вицепремиерот и министер за транспорт Алескандар Николоски тогаш во изјава за медиумите истакна дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од 4iG Groupи ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператори во земјава и намалување на цените за мобилни услуги.
Извештајот за развој на пазарот на електронски комуникации во третиот квартал 2024 година, што го објави АЕК на 15 април вкупниот број на активни претплатници во мобилна телефонија заклучно со третиот квартал 2024 година достигна 2.095.819 и бележи раст за 9,7 проценти во однос на претходниот квартал, а за 1,05 проценти споредено со третиот квартал минатата година.
(С.Бл.)