Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги предложи Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет, откако кон крајот на декември во Собранието беше изгласан новиот закон за СС. Ако се потсетиме на претседателското ветување во јавноста дека ќе го чека законот па ќе предложи пополнување на испразнетите места кои доаѓаат на предлог на Претседателот, тогаш двете треба да се истакнати правнички со најмалку 15 години искуство во областа кои уживаат углед во јавноста и интегритет.
Јошевска-Анастасовска е адвокат од областа на Кривичното право, со адвокатска канцеларија која работи од 2008 година. Јавноста ја познава по јавните споделувања на своите ставови поврзани со работата на правосудството, а таа е вклучена и како бранител на еден од обвинетите во судскиот процес „Пулс“. Кадри-Шахиновиќ пак беше дел од претседателската Комисија за помилување чии членови колективно поднесоа оставки по реакциите во јавноста кога помилуваа осуденик-член во скопска криминална група. Таа е универзитетски професор на еден од приватните факултети.
Сега на потег се пратениците кои треба предлозите да ги подржат на собраниска седница. Судскиот совет по закон брои 15 членови, 2 се на предлог на Претседателот, тројца од Собранието, а 8 се од редот на судиите. Сиљановска го чекаше новото законско решение да предложи замена за Весна Дамева и за Миљазим Мустафа, на кои им истекоа мандатите. Собраниската комисија за избори и именувања, на почетокот на декември, за нов член на СС го предложи правникот од Тетово, Аљбин Кадриу, откако претходно беше објавен оглас. Тој треба да го замени досегашниот член, Селим Адеми.
Новиот закон за Судскиот совет предвиде неколку новини: јавност во постапката за разрешување на претседателот на Советот; прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“; јавна расправа при изборот на кандидати за несудски членови за поголема транспарентност; зајакнување на критериумите за избор; одговорност и разрешување на членови од редот на судиите; јасни правила за дисциплинска одговорност на судиите и на членовите на Советот; обврска за образложени одлуки при избор и утврдување одговорност на судиите…
Со новото решение, терминот „истакнат правник“ овозможува кандидирање дипломирани правници со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит или универзитетски професори по право со најмалку седум години работно искуство во наставно-научно звање. Од кандидатот за член на СС сега се бара и да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Советот, за што приложува најмалку три препораки од универзитетски професори по право, адвокати, поранешни или сегашни судии на Уставниот суд или на меѓународни судови, или лица/е а со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит, од кои две од лица што ѝ припаѓаат на истата правна професија. (П.А.)












