Адвокати, поранешни вработени во полицијата, економисти доминираат меѓу 13-темина кандидати за нов претседател на Комисијата за спречување корупција, откако поранешната, Татјана Димитровска, поднесе оставка, а Собранието распиша оглас. На листата со имиња што ја објави порталот „360 степени“, претензии за прв човек на Антикорупциска има актуелниот генерален секретар на ДКСК и дипломиран правник, Адем Чучуљ. Кандидатура поднеле и адвокатите Кимо Чавдар, Ненад Трифуновски, Валентина Тодоровска. Името Феузи Џафери беше меѓу кандидатите за народен правобранител, но не беше избран од собраниската Комисија за избори и именувања. Сега, друга комисија од седуммина членови ќе ја чита неговата биографија, со која конкурира за прв антикорупционер. На листата е и помошникот на главниот ревизор, Бранко Смилевски. Токму ревизорите во последните два мандата беа на чело на независното тело, кое треба да се бори против корупцијата, злоупотребите од политичарите и од државните функционери. Кандидатура поднела Весна Доревска, чие име, ако се напише на интернет-пребарувачот, се поврзува со функцијата помошник-министер за правни работи во МВР и сведок во постапката „Таргет-Тврдина“ за уништување на опремата за прислушување на УБК. Понатаму на листата е и раководителката на сектор во Министерството за одбрана – Благица Трошанска, членот на Комисијата за заштита од конкуренција – Владимир Наумовски, дипломираниот криминалист Бранко В`чков, поранешниот началник во МВР – Антонио Санев, економистот Зоран Наумов и Костадин Кус Иванов, кој учествувал во проекти од областа на корупцијата.
Изборот на претседател на Антикорупциска се одложи за по локалните избори, така одлучи собраниската Комисија за избори и именувања по одговорот од ДКСК дека тие се ненадлежни да даваат мислење за тоа прашање. Времето на оставката на Димитровска, обвинета во случајот „Адитив“, за одавање службена тајна и за лажирање при добивање на безбедносниот сертификат, не дозволи да се спроведе постапката на избор на нов претседател пред изборите, поради роковите што мора да се почитуваат. Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата формираше комисија за селекција на кандидатите за претседател на ДКСК.
Претседателот на матичната собраниска Комисија, Ѓорѓија Сајкоски, рече дека формираното тело за селекција на кандидати за нов претседател на ДКСК ќе почне со работа по завршувањето на локалните избори. ДКСК сега има заменик-претседател што се избира по принципот на ротација по азбучен ред, на период од шест месеци. На 21 август, функцијата ќе ја преземе Цвета Ристовска, а пред неа беше Билјана Каракашова-Шулев. Антикорупциска, која треба брзо да постапува по пријавите за злоупотреба на државните ресурси од страна на функционерите во текот на изборниот процес, нема да биде комплетна до 3 ноември, кога завршува вториот круг од локалните избори. Сега бројот на членови е парен, со што се доведува во прашање евентуалното надгласување во одлучувањето. (П. А.)