Веќе подолг временски период се зборува и анализира правосудството, како од страна на домашната така и од страна на меѓународната експертска јавност. Најновото мислење на Венецијанската комисија на Советот на Европа се однесува на сегмент на правосудството, односно на делот на Обвинителството и предлог-законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители.
Во извештајот се наведени предлози и препораки што во најголем дел не се нови, а сите се однесуваат на јакнење на самостојноста и независноста на Обвинителството, особено од извршната власт. Исти или слични забелешки и досега се давани и за судството и за Обвинителството, но во најголем дел тие ниту се почитувани ниту спроведени. Не можам, а да не повторам дека не се прави реформа само со законски измени, туку е потребно и доследно почитување и примена на законите, департизираност на институциите, комплетно исклучување на партиско влијание во судството и доминација на извршната власт. Но, она што го предлага Венецијанската комисија е добар почеток за една вистинска реформа во правосудството, која им е прекупотребна на општеството и државата. Безброј пати е пишувано и дискутирано околу партиското влијание и влијанието на извршната власт на правосудството, особено на Обвинителството, но и за клиентелистичкиот однос на Обвинителството кон извршната власт, па не би го елаборирал ова повеќе.
Една од препораките на Венецијанската комисија, а сè со цел да се обезбеди и зајакне независноста на обвинителот и да се ограничи и оневозможи партиско влијание и влијание на извршната власт на изборот и разрешувањето на јавниот обвинител, кој, според сегашните позитивни законски прописи, се избира со просто мнозинство во Собранието. Предлогот тој да се избира и разрешува со квалифицирано мнозинство во Собранието, дава добра почетна основа тој да не зависи од самоволието на актуелна власт, која, секако, го има мнозинството во Парламентот. Со вакви измени, и тоа поместени во Уставот, би се обезбедила и гарантирала поголема независност и самостојност на јавниот обвинител на РСМ, кој не би зависел од самоволието и желбите на партијата што е на власт. Во истата насока се и предлогот и препораката да се даде образложение доколку предлогот на Владата поднесен до Собранието отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители при изборот на јавниот обвинител, а што би ја гарантирало независноста од извршната власт.
И другите препораки на Венецијанската комисија се во истата насока, со намера да се заокружат и обезбедат гаранциите за независност на јавниот обвинител и на Обвинителството воопшто од партиско влијание и влијание на извршната власт, а кои се однесуваат на составот на членовите на Советот на јавни обвинители преку точно и јасно дефинирање на условите, квалитетите и професионалното искуство на членовите на Советот на јавни обвинители што не се обвинители. Досегашните формулации на истакнат правник, нешто од што боледува и Судскиот совет, беа само формулација што овозможуваше вдомување партиски кадри, вклучувајќи го тука и дополнителниот елемент на Бадентер, односно балансерот, кој вдомуваше партиски кадри по национална основа. Со точно формулирање на професионалното искуство, моралниот кредибилитет и стручноста, овој елемент на партиско влијание би се избегнал. Во таа насока е и предлогот за замрзнување на функциите на обвинителите додека се членови на Советот на обвинители, а во иста насока е и ограничувањето на мандатот на јавниот обвинител на евентуално уште еден мандат, но со пауза меѓу двата периода. На овој начин се исклучува партиското влијание и она на извршната власт, се исклучуваат или барем ограничуваат комформитетот, арбитрерноста и комодитетот на јавниот обвинител, што не беа ретка појава во задните децении.
Особено се битни, а тоа го потенцира Венецијанската комисија, самостојното финансирање и самостојното располагање со буџетот, нешто што извршната власт, без оглед на законските решенија, не го прави ниту во судството, ниту во Обвинителството, свесно кршејќи ги законите. Ниту на судството 0,8 % од БДП ниту на Обвинителството 0,4 % не им се ставени на располагање, како што го предвидува законот тоа. Во оваа насока би требало да се дополнат законите со санкционирање на ограничувањето на буџетот и одговорност на функционерите што го прават тоа, па дури и со предвидување такво кривично дело во Кривичниот законик. Самостојноста во управувањето со финансиите е еден од клучните елементи и предуслови за самостојност и независност на кој било орган, а особено на судството и на Обвинителството.
Венецијанската комисија дава препораки и во однос на евалуацијата на работењето и дисциплинската постапка и повредите што се предвидени во Законот, оправдано укажувајќи на нејасните, прешироки и произволни формулации, кои би можеле секако да се толкуваат и да зависат од арбитрерноста на членовите на Советот на јавни обвинители. На недостатоците при формулирањето на дисциплинските повреди, самата дисциплинска постапка, беше многупати укажувано и беа давани препораки како за дисциплинската постапка на судиите така и за обвинителите, со цел јасно и недвосмислено да се дефинираат и повредите и постапката, која би била транспарентна и подложна на проверка.
На крај не можам, а да не укажам повторно дека сево ова е само мал сегмент, чекор до вистинска самостојност и независност на Обвинителството, а воедно и судството, бидејќи само законските измени не можат да доведат до сериозна реформа на правосудството без сериозна заложба на самите обвинители и судии, но и без сериозно утврдување на одговорноста на поединците во Обвинителството и во судството што дозволиле да се доведе правосудството во ваква состојба на клиентелистичко однесување кон извршната власт и комплетна недоверба на граѓаните кон нив.