Адвокатот од Нови Сад, Мироје Јовановиќ, до Првиот основен суд во Белград поднесе иницијатива за покренување постапка за одземање на деловната способност на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, наведувајќи дека документот од 75 страници претставува „сериозна правна жалба до судот поткрепена со експертски извори“.
Јовановиќ во писмена изјава истакна дека оваа институционална иницијатива се заснова на „загриженост за менталната состојба на претседателот“, објави Фонет.
-Иницијативата укажува на обрасци на однесување кои, според мое уверување и суд, имаат елементи на длабоки заблуди, искривена перцепција на реалноста и опасна идентификација со државата и институциите, објави Јовановиќ, кој предложи судот да ја покрене постапката по службена должност, да наложи независно психијатриско вештачење и да остави рок од 15 дена за доставување на вештачењето до јавноста пред да донесе каква било одлука.
Јовановиќ ги покани сите експерти од областа на менталното здравје – психијатри, психотерапевти, клинички психолози, етичари, како и сите релевантни експерти, да ги достават своите независни мислења до Првиот основен суд во Белград во рок од 15 дена.
Оваа иницијатива до судот, како што истакна Јовановиќ е израз на солидарност со студентите кои протестираат од ноември 2024 година со цел да ги одбранат институциите, правата и слободите. А од вчера студентите имаат и ново барање – да се распишат предвремени парламентарни избори.