Вишокот јавна администрација да излезе на пазарот на трудот за да се надополни недостигот од работници во приватниот сектор. Бизнисот смета дека доколку се реализира оваа идеја, сите ќе имаат корист. Од една страна, компаниите што имаат недостиг на кадар нема да мора да увезуваат работна сила, а, од друга страна, вишокот административци нема да биде веќе на товар на буџетот, ќе влезе во процесот на производство и ќе создава дополнителна вредност. Оваа идеја постои одамна, но никако да заживее. Според работодавците, главна причина е што политичките партии не сакаат да го загубат гласачкото тело, бидејќи факт е дека јавната администрација, заедно со пензионерите, е најголемото гласачко тело.
Од бизнис-секторот велат дека увозот на работна сила не се покажал како добро решение за надополнување на недостигот на работна сила. Увозот на работници однадвор носи низа негативни последици, односно откако ќе се обучат, заминуваат во Европската Унија за повисоки плати. Поради тоа, од бизнисот сметаат дека идејата за прелевање на дел од администрацијата во приватниот секторот е добра и се надеваат дека наскоро ќе се реализира.
– Секој добар работодавец се труди да ги задржи младите во своите компании, но и покрај тоа, многу од нив заминуваат во Европската Унија за повисоки плати и за подобри услови за живот. Се надеваме дека дел од јавната администрација ќе дојде на пазарот на трудот, односно ќе стане резервоар на работна сила за потребите на приватниот сектор. На тој начин нема да имаме потреба од зголемување на квотите за увоз на работна сила – изјави претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски.
Како една од причините за ниската продуктивност во државата, тој ја наведе државната администрација, бидејќи, како што рече, во приватниот сектор мора да се работи за да се земе плата и секој квалитетен работник зема поголема плата.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија смета дека е добро да заживее оваа идеја, за која бизнисот оддамна бара зелено светло од власта.
– Главниот проблем е што политичките партии не сакаат да го загубат гласачкото тело, бидејќи факт е дека администрацијата, заедно со пензионерите, е најголемото гласачко тело. Бизнисот би имал голема корист, бидејќи тие луѓе може да се преквалификуваат и ако се покажат како добри работници, може да земаат многу повисоки плати отколку што земаат во јавната администрација. На тој начин не само што нема од буџетот да се даваат пари за плати и за придонеси за администрацијата туку тие ќе го полнат буџетот. Во моментов, приватниот сектор ја издржува администрацијата. Реалниот сектор, преку производството, го полни буџетот, кој се користи и за здравство, полиција, образование… Така, доколку се реализира оваа идеја, ќе има двоен ефект и за приватниот сектор и за буџетот – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Во моментов, бизнисот има потреба од 10 до 15 илјади работници, а во Агенцијата за вработување има пријавено 90 илјади невработени. Потребно е да се преквалификуваат и доквалификуваат тие за да одговорат на потребите на приватниот сектор.
И експертите се согласуваат дека треба да се преполови јавната администрација, односно да се направи филтрирање на партиските вработени, кои ништо не работат, а примаат плата. Во моментов, во јавниот сектор се вработени околу 135.000, без јавните претпријатија, кои се околу 20.000, а ангажирани со договор на дело има околу 30.000 од комунални јавни претпријатија, преку сите државни органи до акционерски друштва во државна сопственост. Овој број треба да се преполови и согласно со европските стандарди, јавниот сектор да биде 20 до 25 отсто од вработените во реалниот, односно економскиот сектор, сметаат експертите.
Неодамна и премиерот Христијан Мицкоски рече дека нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници.
– Заедно можеме да создадеме јавен сектор што нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија. Ова е само почеток. Верувам дека секој од вас ќе биде амбасадор на промената во својата институција. Ќе ја понесете оваа енергија и ќе ја претворите во резултати, кои граѓаните ќе ги почувствуваат. Ние сме генерацијата што мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина. Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете оние што ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од кога било. Заедно ќе создадеме јавен сектор што нема да биде само апарат на државата туку и двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија – изјави премиерот Мицкоски.
Од бизнисот велат дека ако не се реализира предлог за преквалификација од јавната администрација, која би преминала во приватниот сектор, односно ако Владата не најде начин за пренасочување на вишокот од јавната администрација во компаниите, ќе мора да се увезуваат работници од странство.
(А. С.)