Владата и УПОЗ се договорија за зголемување на платите на 7.800 административци за 40 отсто во периодот од две години. Фрлената ракавица е прифатена, синдикатите и власта се најдоа на половина пат за дел од барањата. Но, прашањето за зголемување на минималецот и останатите плати сè уште останува да виси. Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, го покани премиерот Христијан Мицкоски утре во 9 часот да дојде во зградата на ССМ и заедно да го потпишат колективниот договор со кој платите на административците ќе се зголемат за 40 отсто, но тоа да се случи веднаш, а не по две години.
Премиерот Мицкоски рече дека е подготвен за средба и оти немало потреба од јавни коментари поврзани со оваа тема бидејќи ова зголемување го предложил уште пред една година.
– Ова јас го предложив уште минатата година, само што тогаш беше на четири рати, бидејќи во пресметките беше опфатена и 2025 година, сепак, на крајот резултатот е повторно ист. Сега ни остануваат уште 2 години и 2-3 месеци за преговори. Останува синдикатите да се согласат делот за плати во веќе изминатиот општ колективен договор, кој е збунувачки, да се тргне. Да се посветиме на овој договор за зголемување на платите и во рамките на овие две години да го договориме и тој дел. Ние сме подготвени да преговараме и оваа понуда стои на маса цела година. Мојот став е ист, и тогаш и сега. И на овој начин, Владата ќе ги регулира односите онаму каде што таа е работодавач, изјави Мицкоски.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани – УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека ова било прифатливо за нив уште пред една година и велат – ова не е понуда на Владата, туку барање на синдикатот од 2025 година.
– УПОЗ го прифаќа овој предлог. И овој предлог беше прифатлив уште пред една година. А, зошто се чекаше една година, тоа некој друг треба да одговори. А, уште поприфатлив е новиот предлог, ако можам да се изразам така, за две години администрацијата и правосудството да добијат 40 отсто повисоки плати. Понеделник, вторник, среда, кога му одговара на премиерот и кога им одговара на министрите да се дојде и да се потпишат овие колективни договори и да ја завршиме оваа голгота бидејќи административците и колегите од правосудството имаат најниски плати во државната и во јавната администрација, изјави Деаноски.
Што се однесува до барањето на ССМ за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра, премиерот го повтори ставот на Владата дека за висината на минималната плата треба да се договорат синдикатите и работодавачите.
– Нашиот став е јасен, работниците и работодавачите се тие што во бипартитен дијалог треба да најдат решение за минималната плата. Владата, во рамките на Економско-социјалниот совет, е само фасилитатор, односно посредник – повтори Мицкоски
Опозицискиот СДСМ минатата недела повторно поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата на 600 евра, согласно со реалните потреби на работниците и јасните барања на синдикатите.
– Сегашното ниво од 400 евра минималната плата не обезбедува доволно заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците на едно просечно домаќинство. Македонија денес има најниска минимална плата во регионот и во Европа, велат од СДСМ.
Блокада на Собранието и генерален штрајк се двата следни чекори што ги најави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), по протестот во средата во Скопје. Прво ќе биде блокирано Собранието и пристапот на пратениците кај кои една година стојат законските измени за зголемување на минималецот.
(А. С.)












