Меѓународниот Аеродром Скопје од први јуни се поврза со уште три градови во Турција. Авиокомпанијата „Аџет“ изминатиов викенд почна да лета до Анкара, Чукурова, Дијарбакир, три нови дестинации за одмор. Сезонските летови од Скопје до Анкара и до Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, додека летовите на „Аџет“ до аеродромот Чукурова два пати недела, а до сите три дестинации ќе се лета од први јуни до крајот на септември година.
– Директното поврзување на Меѓународниот Аеродром Скопје со трите нови дестинации во Турција е од голема важност од повеќе аспекти, затоа што секоја област носи свои бенефити. Спојот на двата главни града, Скопје и Анкара, ќе придонесе за зголемена трговска размена, брза бизнис логистика меѓу Македонија и Турција, лесен пристап до турскиот пазар, бизнис-мобилност, туристичка и културна размена, образовна и академска соработка, поврзување на заедниците, а ќе придонесе и за дополнително унапредување на политичките и дипломатските односи – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Воспоставувањето на авиоконекцијата на Скопје со Чукурова и Дијарбакир пак, ќе донесат значајни стратешки, економски, туристички и културни бенефити за земјава. Чукурова е голема плодна област која ги опфаќа Адана, индустриски и аграрен центар и Мерсин, туристички потенцијал, дестинација на турската медитеранска ревиера. Она што е исто така значајно е што во Македонија постои голема популација со потекло од овие две области, со што авиоповрзувањето ќе ја олесни комуникацијата и одржувањето на семејните врски.
Со новите три дестинации, авиокомпанијата „Аџет“ од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе има вкупно 4 дестинации, вклучувајќи ја и веќе постоечката линија до Истанбул, до аеродромот Сабиха Гокчен. Во тековната летната сезона 2025, вкупно четири авиокомпании летаат меѓу Турција и Македонија, до вкупно 6 града и 7 аеродроми во Турција.
Од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле – Охрид, „Туркиш Ерлајнс“ лета до Истанбул (IGA аеродром); „Пегасус Ерлајнс“ лета од скопскиот аеродром до Истанбул (аеродром Сабиха Гокчен), Измир и Анталија, „Аџет“ исто така лета од Скопје до Истанбул (аеродром Сабиха Гокчен), додека „Сан Експрес“ лета од Скопје до Анталија и Измир.