Грчката кошаркарска суперѕвезда, Јанис Адетокумбо, почнува ново поглавје во својата кариера откако по 13 сезони во Милвоки бакс се пресели во Мајами хит. Искусниот ас верува дека новата средина ќе му помогне повторно да го покаже најдоброто од себе и да се бори за шампионската титула.

  • Чувствував дека со години бев во својата зона на удобност и едноставно сакав нов предизвик – изјави Адетокумбо за „Асошиејтед прес“.

Тој смета дека Мајами е организација со победнички менталитет, во која секојдневната работа и максималната посветеност се основа на успехот.

  • Тоа е франшиза што сака да се натпреварува на секој натпревар и во секоја минута. И јас сум таков. Сакам да му помогнам на тимот да победува и да ја оствари крајната цел: освојување на титулата – порача ѕвездата на Хит.

Статистиката потврдува дека Адетокумбо и понатаму е еден од најдоминантните играчи во НБА. Во кариерата има просек од 24,1 поен и 9,9 скока на натпревар, друштво во кое се наоѓаат само неколку легендарни имиња на американската кошарка.

Во последните десет сезони, тој е прв според вкупниот број постигнати поени и четврти според вкупниот број скокови. Иако повредите му создадоа проблеми минатата сезона, тој верува дека кога е здрав, може да се натпреварува на највисоко ниво.

Особено ја истакна познатата „хит калчр“, филозофијата на Мајами што се заснова на дисциплината, напорната работа и на максималната посветеност. Токму таквата средина ја гледа како можност да го подигне своето ниво и повторно да се вмеша во трката за најголемите индивидуални признанија.

Неговото пристигнување го поздрави и соиграчот Клеј Томпсон, кој очекува да изгради одлична хемија со него и верува дека може тој повторно да одигра сезона на ниво на МВП-кандидат.

Мајами ја почнува новата НБА-сезона на 22 октомври, кога ќе ја пречека Минесота на домашен терен. Очекувањата се големи, а Адетокумбо јасно стави до знаење дека пристигнува во новиот клуб со една главна цел: да се бори за шампионскиот прстен.

ИЗДВОЕНИ