НБА ги брои и последните часови од рокот за трансфери, а некои мегаѕвезди се на радарот на неколку клубови. Најголемо име кое се споменува како можно заминување е Гркот Јанис Адетокумбо, кој по 13 години би можел да го напушти тимот на Милвоки.
Според достапните информации, и клубот и играчот веруваат дека нивното заедничко патување е завршено, а четири тима се борат за услугите на грчкиот кошаркар.
Спортскиот новинар Шамс Чаранија објави дека Бакси веќе испратиле контрапонуди до тимови кои агресивно се обидуваат да преговараат за трансфер на 31-годишниот крилен центар. Извори на „ЕСПН“ потврдуваат дека најзаинтересираните и најактивни тимови во преговорите се Мајами, Минесота, Голден стејт и Њујорк.
Милвоки верува дека, по речиси 13 години, циклусот на Адетокумбо со Бакси е завршен, што е поткрепено со фактот дека неодамна беше исвиркан од сопствените навивачи. Од друга страна, самиот Грк веќе со месеци им сигнализира на раководството дека чувствува дека неговото време во клубот е истечено. Адетокумбо, кој оваа сезона има просек од 28 поени, 10 скока и 5,6 асистенции, верува дека на Милвоки им е потребна целосна реконструкција на тимот. Инаку, Јанис, кој беше избран од 15. место на драфтот во 2013 година, стана рекордер на франшизата во поени, скокови, асистенции, блокади и одиграни натпревари. Тој беше прогласен за најкорисен играч (МВП) во лигата двапати, во 2019 и 2020 година, а воедно ја освои шампионската титула со тимот во 2021 година.
Новинарот Чаранија, исто така, открива дека и Џејмс Харден би можел да си замине од редовите на Лос Анџелес Клиперс, а како негова следна дестинација се споменува Кливленд. Инаку, Харден оваа сезона бележи во просек по 25,4 поени, 8,1 асистенција и 4,8 скокови.











