Адеми: Преопасна е идејата за ревидирање на Бадентеровото мнозинство, не само за Македонија

359

Преопасна е идејата за ревидирање на Бадентеровото мнозинство, не само за Македонија туку за целиот регион, изјави денеска Арбр Адеми, потпретседател на опозициската ДУИ. На партиската прес конференција тој одговори на новинарско прашање врзано за денешното интервју на министерот за правда Игор Филков во кој најави можност за ревидирање на принципот на Бадентеровото мнозинство.

Адеми рече дека се работи за опасна идеја.

-За жал, се повеќе им се дава простор на полиитчки сили и на политичари кои имаат опасни идеи и кои мислат дека мултиетничките држави не се функционални, кои се поборници на чисти етнички држави. Такви идеи и такви идеолози се опасни бидејќи со тоа се заоструваат меѓуетничките односи па се до нивно нарушување – нагласи тој.

Адеми додаде дека уште од почеток како партија кажале дека оваа Влада има агенда систематски да го нападне Охридскиот мировен договор.

-Тоа се покажа и докажа со укинувањето на Бадентер, со непочитување на соодветна и правична застапеност и покрај тоа што е тоа уставна вредност, со непочитување на албанскиот јазик и на Законот за употреба на албанскиот јазик, со укинување на статусот на правно лице на Инспекторатот за примена на Законот за јазиците, со поднесување на иницијатива за укинување на Законот за употреба на албанскиот јазик од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на други субјекти. Секојдневно се соочуваме со исти случаеви. Повторуваме , ваквите идеи од политички сили и од политичари кои погрешно мислат дека мултиетничките држави не функционираат се преопасни не само за Република Северна Македонија туку и за целиот регион – нагласи потпретседател на ДУИ. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ