Објавен е првиот трејлер за комедијата драма „ Џеј Кели“ (Jay Kelly) од режисерот номиниран за „Оскар“, Ноа Баумбах, во која главните улоги ги имаат Џорџ Клуни, Адам Сендлер и Лора Дерн. Во центарот на приказната е познатиот актер Џеј Кели, кој оди на патување во Европа со својот долгогодишен менаџер Рон, лик толкуван од Адам Сендлер. Планираното едноставно патување се претвора во длабоко лична конфронтација со минатото, врските и со наследството.
Филмот комбинира елементи на комедија и на драма, додека двајцата протагонисти ги преиспитуваат своите животи и односите со луѓето околу себе.
Сценариото за филмот го потпишуваат Ноа Баумбах и актерката Емили Мортимер, а според „Варајети“, „Џеј Кели“ е филм што комбинира хумор, драма, егзистенцијални прашања, додека светската премиера ќе ја има на Филмскиот фестивал во Венеција.
Филмот ќе се прикажува во кината, но и на „Нетфликс“. Премиерата во кината е закажана за ноември, а на „Нетфликс“ ќе пристигне на 5 декември.
Покрај Џорџ Клуни, Адам Сандлер и Лора Дерн, во филмот се појавуваат и: Били Крудап, Ридли Кио, Грејс Едвардс, Стејси Кич, Џим Бродбент, Патрик Вилсон, Ив Хјусон, Грета Гервиг, Алба Рорвахер, Џош Хамилтон, Лени Хенри, Емили Мортимер и многу други познати имиња.