четврток, февруари 26, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА АД ЕСМ најостро ги отфрла грубите и тенденциозни партиски шпекулации во врска...

АД ЕСМ најостро ги отфрла грубите и тенденциозни партиски шпекулации во врска со набавката на јаглен за потребите на РЕК Битола

50

АД ЕСМ најостро ги отфрла грубите и тенденциозни партиски шпекулации во врска со набавката на јаглен за потребите на РЕК Битола. Според нивното соопштение, предметната процедура, впрочем како и сите останати спроведени јавни набавки за време на актуелното раководство, се спроведени во транспарентни постапки и во целосна согласност со позитивните законски прописи.

– Целосна лага е дека АД ЕСМ склучила договор со фирма од Косово. Посочената фирма е основана во Македонија и согласно објавениот оглас, ја приложила целата потребна документација. Не постои ниту еден доказ издаден од надлежна институција дека овој економски оператор основан во земјава има каква било забрана за учество во постапки за јавни набавки, ниту дека е осуден за цитираме: криминал со токсичен мазут. АД ЕСМ нема законско право да елиминира понудувач кој ги исполнува сите критериуми  врз основа на партиски соопштенија – велат од АД ЕСМ.

Оттаму велат дека актуелното раководство на АД ЕСМ нема никаква вина што РЕК Битола во последните пет години стана зависен од увозен јаглен и потенцираат дека ова е директна последица на претходното лошо управување, кога постојните рудници беа девастирани преку експлоатација надвор од сите рударски проекти.

– Стихијниот ископ во минатото и нередовното одржување на рударската механизација се главните причини зошто најголемиот домашен комбинат за производство на електрична енергија сè уште е принуден да користи увозен јаглен за да ја одржи стабилноста на енергетскиот систем. Наместо конструктивна критика, сведоци сме на обиди за дневно-политички профит преку ширење паника кај граѓаните. АД ЕСМ останува фокусиран на санација на штетите во рудниците и консолидација на домашното производство, процеси кои бараат време и стручност, а не популизам – велат од АД ЕСМ.

Оттаму апелираат до политичките субјекти да престанат со злоупотреба на
енергетскиот сектор за тесни партиски цели.

– Нашата единствена цел е обезбедување стабилна и евтина електрична енергија, а секоја набавка е подложна на строга контрола од надлежните органи. И уште еднаш ќе повториме дека зачудува двојниот аршин на „Левица“ во врска со случувањата во енергетиката со оглед дека како опозиција, не реагираа ниту еднаш на катастрофалните политики и потези на претходната власт која го доведе енергетскоит систем до состојба на колапс – децидни се од АД ЕСМ.

ИЗДВОЕНИ