Аца Лукас со предновогодишен мегаконцерт во Скопје на 20 декември – „Сите пари ќе им ги дадам на настраданите и на повредените во Кочани!!!“

55

По скандалот во Кавадарци, балканската музичка ѕвезда се премислил! Аца Лукас (или како што му е вистинското име, Александар Вуксановиќ) кажа сè што имаше да каже по скандалот на неговиот настап во Кавадарци, за кој сè уште многу се (о)зборува речиси насекаде низ Македонија. Социјалните мрежи вријат од секакви коментари… Пејачот вчера му одговори дури и на македонскиот премиер Мицковски, ветувајќи дека и покрај тоа што во лутина изјавил да веќе нема да настапува во Македонија додека е оваа власт на власт, Лукас, во меѓувреме, се премислил.

– Сепак, ќе направам голем музички предновогодишен спектакл во Скопје на 20 декември во арената „Јане Сандански“ заедно со моите естрадни колеги Мира Шкориќ и Мирослав Илиќ, насловен како „Кафанска ноќ“. Тоа ќе биде нешто незаборавно. Па, луѓе мои, ни доаѓа највеселата ноќ, а ние еве, на што деновиве губиме силна енергија! Таквиот концерт го заслужува мојата многубројна публика во Македонија. Но, притоа парите што ќе ги заработам, сите до последниот денар, ќе ги пренасочам на семејствата во Кочани на кои децата им загинаа или останаа тешко повредени. Да си знаете, а македонските институции ќе можат слободно да го проверат тоа, дека мојот хонорар ќе оди на адресите во Кочани, дека Аца никогаш не лаже. Не е Аца будала, па да можете со него тукутака.

И на македонскиот премиер искрено би му порачал да се занимава со многу поважни работи во Македонија отколку со естрадата. Штом, како што самиот кажа во видеопораката, дека нема потреба да ми се дава толку многу значење. И, јас истото го мислам! Правилата се јасни. Сите мои документи за настапите во Македонија се кристално чисти, така што одвај чекам да пеам во Скопје на 20 декември.

Инаку, по скандалот во Кавадарци, Лукас веднаш наредниот ден се врати во Белград, а таму го пречека цела армија од љубопитни српски новинари. Меѓутоа, пејачот воопшто не беше расположен да разговара со српските новинари. Дури се однесуваше и брутално непристојно, а додека одеше кон автомобилот, во еден момент се сврти кон седмата сила и со викање нервозно им се обрати: „Оставете ме на мир, не бидете здодевни, претерувате, бегајте сите оттука, ајде, да не ве гледам!!!“  (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ