Аца Лукас не ја испеа „Лична карта“ во Македонија, немал документи

Јанчев: Нема да дозволиме кочанско сценарио. СДСМ: Полицијата неколку часа дозволила преполн објект

830

По приведувањето на српската турбофолк-ѕвезда Александар Вуксановиќ познат како Аца Лукас, оти без дозвола имал настап во кафуле во Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев изјави дека настапот, меѓудругото, бил прекинат поради сериозни безбедносни пропусти и прекршување на правилата за работа на локалот. „Нема да дозволиме Кочани сценарио. Безбедноста е прва!“, дециден е градоначалникот Јанчев, објаснувајќи дека организаторите поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концертот, но барањето било одбиено поради процена дека се небезбедни условите.

– Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11., барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран – изјави Јанчев, според кого локалот има капацитет за 200 гости, а внатре биле затечени дури 700 лица.

Полиција го уапси српскиот пејач викендов, при вршење акциска контрола во угостителски објекти на подрачјето на Кавадарци . Против Лукас била поднесена прекршочна пријава по член 217 став 1 точка 2 од Законот за странци и по брза судска постапка, му била изречена парична казна во висина од 50 евра.

При контрола во локалот каде што настапувал тој, освен полиција, биле присутни и  неколкумина инспекции, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи, кои  констатирале повеќе неправилности, незидавање сметки, пушење во затворен простор, поголем број лица од дозволеното.

Револтиран од полициската акција, пејачот, во видеообраќање, рече дека нема да доаѓа во земјава бидејќи не се чувствува безбедно. Тврди дека не бил уапсен, туку дека излегол по возилото.

– Во станицата ми рекоа дека не бил регуларен настапот, дека не бил пријавен, иако неколку дена претходно испратив копија од пасошот, како што правиме секогаш – изјави Лукас.

Тој обвини дека луѓе од македонската власт стојат зад настанот.

– Скандалот со приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас и одговорите на градоначалникот Митко Јанчев потврдуваат дека на концертот имало преку 700 луѓе во локал во кој, по закон, не смеело да има ниту 200. Ова значи дека и полицијата на Тошковски и Општината на Јанчев знаеле за концертот, знаеле дека нема безбедносни услови да се одржи тој и ништо не презеле, дозволиле да се случи и дури во текот на настанот да биде прекинат – велат од опозицискиот СДСМ.

СДСМ побара одговорност од министерот Тошковски:

– Според информациите, полицијата го прекинала настанот дури по полноќ, односно во 00:10 часот, откако тој со часови бил преполн од гости. СДСМ бара итно да се отвори истрага и да се санкционираат сите што дозволиле да се случи настанот, од МВР што ништо не презело, па сè до организацијата. Дали ништо не научија МВР и Тошковски? Повторно дозволува да се случуваат ризични настани за безбедноста на граѓаните како оној во Кочани.

Од МВР велат дека акцијата била дел од заедничка контрола на надлежните институции на работата на угостителските објекти и оти ќе продолжи и во наредниот период, на територијата на целата држава, со цел санкционирање на какво било кршење на законите. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ