Американската администрација веќе постави две црвени линии за напад: убивање мирни демонстранти и спроведување масовни егзекуции од страна на Техеран на оние што ги уапси во масовното задушување на демонстрациите. Ирански воен функционер изјави дека Иран е со прстот на чкрапалото, а во одбрана на Иран се јавија и две милитантни групи од Ирак и од Јемен, додека Хезболах сè уште молчи. ОАЕ најавија дека нема да дозволат да се користат нивните воздушен простор, територија или територијални води за воена акција против Иран и бараат дипломатско решение
Додека американската морнарица предводена од носачот на авиони „Абрахам Линколн“ се приближува кон Техеран, сè уште нема сигнал дека американската администрација донесела конечна одлука за воена акција.
Но, како што објави АП, во одбрана на Иран веќе се јавија милитантните групи од Ирак и од Јемен, додека Хезболах сè уште молчи. Ирачките и јеменските милитанти се многу отворени во своите закани, кои беа протолкувани како поддршка за Иран. Кратко видео од Хутите вклучуваше слики од брод во оган, со наслов „Наскоро“. Од друга страна, Обединетите Арапски Емирати во понеделникот објавија дека нема да дозволат да се користат нивните воздушен простор, територија или територијални води за воена акција против Иран. Тие инсистираат на дијалог и дипломатски решенија.
Според американските медиуми, претседателот Доналд Трамп разгледува различни опции за одговор на ситуацијата во Иран, не исклучувајќи ја можноста од воени напади доколку продолжи Техеран со репресијата врз демонстрантите. Трамп рече дека ги упатува бродовите „за секој случај“ ако одлучи да преземе акција против Иран. Тој веќе постави две црвени линии за напад: убивање мирни демонстранти и спроведување масовни егзекуции од страна на Техеран на оние што ги уапси во масовното задушување на демонстрациите, јави АП.
Вашингтон објави дека е испратена ударната група на американската морнарица, предводена од носачот на авиони „Абрахам Линколн“, во водите на Блискиот Исток, како одговор на објавата на Техеран дека е подготвен да одговори на секој напад од страна на САД, по задушувањето на масовните протести во Иран. АФП наведува дека загинале речиси 6.000 луѓе во повеќедневниот бран улични протести, додека АП објави дека се испратени воени бродови во Медитеранот за „зајакнување на регионалната безбедност и стабилност“, а „Абрахам Линколн“ пристигнал во придружба на три разурнувачи. Групата бродови е во Индискиот Океан, сè уште доста далеку од бреговите на Иран, но нејзиното приближување кон регионот на Блискиот Исток ги доближува дополнителните американски сили до можни оперативни зони, вклучувајќи ги Персискиот Залив и Оманското Море.
Во текот на викендот, командантот на Иранската револуционерна гарда, генерал Мохамед Пакпур, рече дека Иран „има прст на чкрапалото“ кога станува збор за САД, одговарајќи на предупредувањата на Трамп.
– Исламската револуционерна гарда и драгиот Иран се поподготвени од кога било, со прст на чкрапалото, да ги спроведат наредбите и директивите на врховниот командант – рече Пакпур во саботата.
Друг висок ирански воен функционер, кој зборуваше анонимно на иранската државна телевизија, ја отфрли американската закана како „претерување“ и истакна дека Иран го зголемил своето воено присуство како одговор. Тој додаде дека присуството на „Линколн“ не било одвраќање, туку достапна цел.
Сојузниците на САД, особено во Заливот, изразија загриженост за можна воена конфронтација и го повикаа Вашингтон да го одложи или избегне отворениот конфликт, обвинувајќи го Иран за провокации, но нагласувајќи ја важноста на дипломатските решенија.
Американскиот носач на авиони обично плови со придружба од разурнувач, има наведувани крстосувачки ракети, како и ескадрила борбени авиони, што заедно претставува моќна проекција на сила. Американската војска продолжува да ги следи случувањата, додека светот внимателно го следи потенцијалниот исход од овие геополитички тензии.












