Иако првичната и единствена цел на АБА-лигата беше да ги собере најдобрите тимови од Балканот, кои преку лигашкиот дел ќе се борат за титулата и воедно ќе „произведуваат“ играчи, сепак, очигледно е дека парите го вртат светот.
Со влегувањето на Дубаи минатата година, како и оваа на Клуж од Романија и Виена од Австрија, натпреварувањето се шири на нови, поголеми пазари, потврдувајќи ја својата амбиција да стане една од највозбудливите кошаркарски лиги. Она што започна како регионална приказна, сега го следат повеќе од 60 милиони гледачи насекаде во светот, а се шпекулира дека ова е само почеток – АБА-лигата повеќе не е само Јадранот.
Следната сезона би можеле да видиме и клуб од Абу Даби, кој сериозно се подготвува за влез во лигата, заедно со познатиот Макаби од Тел Авив. Доколку се реализира ова, АБА-лигата ќе има 20 клуба, поделени во две дивизии од по 10 екипи, но нема место за македонските тимови.
Факт е дека МЗТ Скопје, па и Работнички, Пелистер и ТФТ Скопје се далеку од конкурентни против тимовите од Србија, Хрватска, Грција… но, сепак, ова натпреварување повеќе не е регионално, туку „лига на богатите“.
Моментално, во АБА-лигата играат три клуба од Евролигата: Црвена звезда, Партизан и Дубаи, кое, пак, не ни мораше да го помине филтерот за да дојде до првата АБА-лига, нешто што го прават македонските тимови. Истото ќе важи и за Клуж и за Виена.
Евидентно е дека квалитетот на АБА-лигата е на далеку повисоко ниво во однос на минатото, но се загуби вистинскиот концепт на натпреварувањето. Наместо да се произведуваат „деца“ од Балканот, челниците на лигата решија да направат лига за „големците“, односно оние што не припаѓаат во Европа да дојдат до место на најквалитетното кошаркарско натпреварување на Стариот Континент – Евролигата. Таков е случајот со Дубаи, кое гради сериозен тим за следната сезона.
Сепак, и тоа не е сè. Како што се вели во кошаркарските кругови, руските клубови само чекаат да бидат укинати санкциите за да испратат официјална понуда и за да станат дел од оваа нова ера на АБА. Ниту турските гиганти не се рамнодушни – тие внимателно следат како сè повеќе се вклучува Блискиот Исток, а, како што дознаваме, некои од сопствениците на турските клубови јавно ја изразуваат својата желба да бидат дел од ова натпреварување. Се чини дека АБА-лигата станува најпосакуваната адреса за европската кошарка – платформа каде што спортот, бизнисот и гламурот одат рака под рака. Но тоа не е сè.
Милиони долари во награди и луксузни часовници за шампионите
Победникот во АБА-лигата оваа сезона не само што ќе добие трофеј туку и милион евра. И секој играч во шампионскиот тим ќе добие, како подарок, не само прстен туку и нешто полуксузно: дијамантски часовник од швајцарска компанија, кој не го покажува само времето туку и статусниот симбол. Ќе има награда и за најдобриот играч во сезоната (МВП) – автомобил, како подарок, од еден од спонзорите.
Токму затоа се поставува прашањето: Дали АБА-лигата сакаше и стана гламур за богатите или требаше да биде развој за балканските клубови, во која нема место за оние малите, како што се македонските тимови?
Европа набљудува, светот гледа, а АБА пишува нова кошаркарска историја.