Откако милијардерот Илон Маск повика на укинување на ЕУ реагирајќи на европската казна за платформата „X“ и лично за Маск за кршење на правилата за транспарентност на платформата започна вербална војна меѓу политичарите од двете страни на океанот.
Дополнителен повод за вербалните напади предизвика и Стратегија за национална безбедност на САД, во која се вели дека Европа поминува низ внатрешна криза што се заканува да ја направи спореден играч во новиот мултиполарен поредок.
Маск, остро реагираше на казната од 120 милиони евра што ЕУ ја изрече на неговата мрежа за кршење на правилата за транспарентност на Законот за дигитални услуги (DSA). Од своја страна, Маск рече дека казната не е само удар за „X“, туку и за него лично, и повика на укинување на ЕУ и враќање на суверенитетот на земјите-членки.
Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече казната „напад од странски влади врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ.
– ЕУ треба да се укине, а суверенитетот да им се врати на поединечните држави, за да можат владите подобро да ги претставуваат своите народи – рече Маск.
По изјавата на милијардерот за укинување на ЕУ, се огласи ја европските политичари.
– Одете на Марс. Нема цензура на нацистичките поздрави – му рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикроски, веројатно мислејќи на многу критикуваниот поздрав на Маск за време на инаугурацијата на Доналд Трамп во јануари, објави „TVP World“.
Објавите на Маск за ЕУ го привлекоа вниманието на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој има историја на провокативна активност на социјалните медиуми.
Како одговор на објавата во која се наведува дека на европските земји треба да им се врати суверенитетот, Медведев одговори: „Точно така“.
– Ако некој сè уште се сомневаше кому му служат овие анти-ЕУ приказни за суверенитетот – на оние кои сакаат да профитираат ширејќи омраза и на оние кои сакаат да ја освојат Европа – одговори на тоа Сикорски.
Додека портпаролот на Европската народна партија (ЕПП), Андреас Шваб, ја бранеше казната, ветувајќи уште построги идни мерки од Европската комисија, конзервативните европски гласови – вклучувајќи ја и лидерката на Алтернатива за Германија (AfD), Алис Вајдел – застанаа на страната на Маск. Маск ја поддржа AfD пред изборите во февруари и им се обрати на поддржувачите на партијата преку видео врска на митинг во Хале, велејќи дека нивната партија е „најдобрата надеж на земјата за иднината“.












