Да постоеше македонско „Греми“, песните „Километри“, која е љубов, „Мајко“, која е корен, а „Вардаре“, која е идентитет, апсолутно би конкурирале за таа награда!
Популарниот македонски поп-пејач, Влатко Лозаноски, или нагалено само Лозано, потекнува од Кичево. За тој крај и за семејната куќа во кичевското село Белица, во чија градба и уредување учествувал заедно со неговите родители, емотивно вели дека го врзуваат многу драги спомени. – Секогаш кога сум во Белица, чувствувам некој бесконечно опоен мир. Тоа убаво место ме потсетува на моите корени со кои се гордеам. Вака вели популарниот пејач, кој на 7 март, во арената „Борис Трајковски“, има закажано голем солистички концерт, кој е веќе сосема распродаден. За читателите на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press, Лозано открива уште многу интересни работи од животот и од кариерата.
0Да не биде класика, на почетокот од интервјуто да тргнам од приватниот живот, можеби неомиленото прашање за тебе, сепак, многу ме интересира зошто по раѓањето на твоето злато, синчето Марко, речиси сите медиуми и портали излегоа со насловите „Лозано го криеше синот, сега го покажа“? Која е тука вистината, или е во прашање твојата вродена скромност?
– Вистината е многу поедноставна од тие наслови. Јас никогаш не сум го „криел“ синот. Ништо не е намерно, ниту сум правел мистерија од тоа. Само сметам дека не мора сè што е мое да биде јавно споделено. Кога се роди Марко, ми се случи нешто што не се објаснува лесно, приоритетите ми се сменија преку ноќ. Сакав тој момент да го живеам тивко, без камери, без кликови, без туѓи коментари. Тоа не е глума, ниту маркетинг, туку тоа е мојата природа. Скромност! Но уште повеќе, тоа е потреба да го заштитам она што ми е најсвето. Кога почувствував дека е вистинско време, тогаш и споделив. Толку е едноставно.
0Мислам дека си секогаш претпазлив кога зборуваш за твојот приватен живот или и ти, по примерот на големиот Чолиќ, умееш успешно (како „глувче“) да си ја криеш сопругата од љубопитните (или здодевните) новинари, а те бие глас на таен кршач на женските срца?!
– Никогаш не сум се криел како „глувче“, ниту сум бегал од новинари. Само сум си поставил граница, што се вели „црвени линии“. Ги почитувам медиумите, но уште повеќе ги почитувам луѓето со кои живеам. Сопругата не е јавна личност. Не гледам причина таа да биде дел од естрадата само затоа што јас сум пејач. Јас сум човек кој верува во љубов, во дом и во мир, а не во сензации.
0 Колку си самиот со себе среќен, задоволен, емотивно и физички исполнет, а колку кога станува збор за професијата и за заработувачката за живот од пеењето бидејќи од тие пари живееш и ти и семејството, а луѓето зборуваат дека си еден од материјално побогатите македонски пејачи, со ниту еден слободен викенд?
– Искрено, денес сум помирен од кога било. Не велам дека сум совршено среќен, затоа што тоа е утопија, но сум стабилен, емотивно и ментално. Физички се трудам, колку што можам, да функционирам со овој ритам. А, професионално, пеењето ми е живот. Да, со тие средства придонесувам и за моето семејство и за кариерата, и не се срамам од тоа. Работам чесно, многу, често без слободни викенди. Можеби сум меѓу поработливите и најистрајните пејачи. Се трудам колку е возможно да дадам поголем придонес во општеството преку моето дело, музиката и песните.
0За што би можел да ми кажеш дека за нешто си избрзал во кариерата? Дали е тоа оној евровизиски настап со големата Есма Реџепова, и притоа да прашам, дали треба Македонија да се врати на Евровизија? Колку сè уште има желба во тебе повторно да настапиш на таа гламурозна сцена?
–Ако нешто би вратил, тоа не би било Евровизија со Есма. Напротив, беше чест да се пее со неа, а и професионална лекција. Можеби околностите не беа идеални, можеби времето не беше наклонето, но горд сум што стоев на сцена со една таква легенда. Дали Македонија треба да се врати на Евровизија? Да, но подготвена, искрена и без калкулации. А, дали јас имам лична желба повторно да настапам? Желбата постои, но не по секоја цена. Само ако постојат вистинска приказна и вистинска песна.
0Дали песните „Километри“, „Мајко“ и „Вардаре“ се песни за душа, кои без дилема би ги ставил на својата ТОП-3 листа на песни а, кои би ги пратил да конкурираат за некое македонско музичко „Греми“?
– Апсолутно! Тоа се песни што не ги пеам, туку ги живеам. „Километри“ е љубов, „Мајко“ е корен, а „Вардаре“ е идентитет. Ако постои нешто како македонско музичко „Греми“, токму тие песни заслужуваат да бидат таму, да конкурираат за таа возвишена награда. Бидејќи тие песни не се правени за тренд, туку за време, за траење.
0Какви ти се досегашните искуства со домашните новинари и што мислиш за таа професија и за тие луѓе, колку ти помогнаа или одмогнаа во кариерата, или во Македонија се премногу меки со вас, македонските пејачи, за разлика на естрадните новинари во Србија, Хрватска, Босна кои со скандали и со трачови им ја зголемуваат популарноста на нивните пејачи, популарност која се прелива и кај нас!?
– Имав и убави и поразлични искуства, како и секоја јавна личност. Генерално, нашите новинари се коректни и внимателни. На просторите на поранешната Југославија, скандалот продава, кај нас, музиката сè уште има вредност пред скандалите и трачовите. Дали тоа ми помогнало или одмогнало? Дефинитивно, повеќе тоа првото. Музиката, песните! Но јас сум пејач, не сум таблоидна ѕвезда. Тоа сум го прифатил поодамна.
0Имаш една убава песна со занимлив наслов, „Ме нервираш“, па што е тоа што те нервира, дали те нервираат ваквите прашања или сè е во рокот на работата, можеби те нервираат партиите кога те канат да им пееш на нивните кампањи?
– Ме нервираат неправдата, лицемерието. Јас пеам за народот, за луѓето, за емоцијата. А, дали ме нервираат ваквите прашања? Хахахахаааа… не ме нервираат, сè тоа е дел од работата, и ги прифаќам со почит.
0Каков репертоар и распоред на песни да очекува публиката на претстојниот концерт во Скопје и дали ќе бидеш сосема сам на сцената или ќе имаш гости од Македонија или од поранешна Југославија? Дали овој концерт во„Борис Трајковски“ е премногу за тебе или се сметаш за мегапопуларен и веруваш дека ќе се случат уште концерти токму од ваков тип?
– Публиката може да очекува концерт со душа, со емоција и со енергија. Репертоарот ќе биде патување низ мојата кариера, од првите песни, до овие, најновите. Ќе има изненадувања, ќе има гости, тоа се мои блиски пријатели и колеги од македонската сцена. Но сакам дел од магијата да остане тајна. Затоа не откривам сè. Овој концерт е голем влог за мене, но и е природен чекор. Не го правам од суета, туку од љубов. А, дали ќе има уште вакви? Доколку публиката го побара тоа, со радост велам дека ќе има!
Дуле МИЌИЌ (Фото-архива – ФБ)












