Гоце Наумовски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска е избран за судија на Уставен суд. На собраниската седница за неговиот избор гласаа 63 пратеници, против беа седум, а немаше воздржани.
Веднаш по изгласувањето Наумовски даде и ја потпиша свечената изјава.
Наумовски досега беше и актуелен надворешен советник за правни работи на премиерот Христијан Мицкоски.
Изборот на нов уставен судија, со мандат од девет години, следи откако лани во декември оставка даде судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која кажа дека се повлекува поради лични и здравствени причини. (Б.Ѓ.)












