Според податоците на Меѓународната организација на трудот, продуктивноста на македонските работници изнесува околу 34 долари по час, што е над регионалниот просек. И покрај тоа, минималната плата покрива само 17 проценти од создадената економска вредност. Иван Пешевски од СГИП предупредува дека порастот на потрошувачката кошничка го надминува понуденото зголемување на платите, што ја понижува работничката класа. Во вторник, ССМ најави протести пред Владата, барајќи реално усогласување на платите и пофер распределба на економската вредност

Македонските работници создаваат економска вредност над регионалниот просек, но тоа не се пресликува во нивните плати. Податоците за бруто-домашен производ (БДП) по одработен час, на кои се повика Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), покажуваат дека продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час – над светскиот просек од 23 долари. Со просечни 168 работни часа месечно, еден работник создава економска вредност од речиси 300.000 денари, додека минималната нето-плата изнесува само 24.379 денари, односно околу 17 проценти од создадената вредност.
– Распределбата на создадената вредност е непропорционална и неправедна. Најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација и даноци, а не кај работниците – реагираат од ССМ. Според синдикатот, аргументите дека нема простор за зголемување на минималната плата не се засноваат на продуктивноста, туку на интересите на капиталот.
Регионалната споредба покажува дека Македонија не заостанува по ефикасноста на трудот. Според процените на Меѓународната организација на трудот, продуктивноста по час изнесува околу 37 – 38 долари во Црна Гора, 34 долари во Македонија, 28 – 29 долари во Србија, 26 – 27 долари во Босна и Херцеговина, 16 – 18 долари во Албанија и околу 35 долари во Бугарија. Тоа значи дека македонските работници создаваат повеќе вредност од работниците во Србија, Босна и Албанија, а се речиси на исто ниво со Бугарија.
И покрај тоа што Македонија е меѓу поефикасните економии во регионот според создадената вредност по час, минималната плата останува пониска од дел од соседните земји. Во Црна Гора и Бугарија, минималните примања се значително повисоки, а Србија во последните години бележи побрз пораст на минималната плата. Економистите укажуваат дека продуктивноста е предуслов за пораст на платите, но не и гаранција, а клучна е распределбата на создадената вредност – односот меѓу трудот и капиталот.
ССМ смета дека во Македонија постои реален економски простор за повисоки плати, со оглед на нивото на продуктивност. Иван Пешевски, претседател на СГИП, истакнува дека достоинството на работникот одамна е ставено на тест:
– Денес, тоа достоинство не се мери со зборови, туку со факти кои покажуваат дека потрошувачката кошничка за само две години порасна за 9.500 денари, а нам ни нудат зголемување од 1.500 денари. Тоа не е политика. Тоа е понижување – нагласува Пешевски.
ССМ за утре најави протести пред Владата, барајќи реално усогласување на минималната плата со создадената економска вредност и подобрување на животниот стандард на работниците.
Ставот на Владата останува непроменет – дека висината на минималната плата треба да се утврди преку социјален дијалог помеѓу синдикатите и работодавачите, соодветно на економските параметри, а не еднострано по синдикалните барања за 600 евра. Министерството за економија предупредува дека нагло покачување без контекст на реалната економска состојба може да создаде притисок врз компаниите.
Работодавачите, исто така, се против радикално покачување на минималецот. Тие предупредуваат дека зголемување на 600 евра може да предизвика финансиски притисок, инфлаторни ефекти и потенцијални отпуштања, особено кај малите и средни компании. Според нив, секое усогласување треба да биде придружено со мерки за поддршка, како субвенционирање на придонеси или други владински стимуланси.
Со вакви спротивставени ставови, јавната дебата околу минималната плата останува отворена, а утрешниот протест на ССМ ќе покаже дали работниците ќе го зацврстат својот притисок за повисоки плати и пофер распределба на создадената економска вредност.
(С. Бл.)












