петок, февруари 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Новите уставни судии доаѓаат заедно со барањето за поголеми плати

Новите уставни судии доаѓаат заедно со барањето за поголеми плати

Собранието со рок од 60 дена за корекција на коефициентот

329

Непосредно пред Собранието да го предложи професорот на правниот факултет, Гоце Наумовски, за нов судија во Уставниот суд, судот на седница поведе постапка за членовите 14 и 15, со кои се формираат платите на избраните и именувани функционери во државата.

Имено, на седницата одржана на 4 февруари по сопствена иницијатива, судот поведе постапка со која на Собранието му дава рок од 60 дена да го измени или да го дополни Законот за платите, согласно со нивните стојалишта. Судија известител за иницијативата преку која, практично, се бара поголем коефициент заради поголема плата од оној законски утврдениот, бил претседателот на судот Дарко Костадиновски.

Уставниот суд бара повисоки плати преку статусот

Зошто судиите на чело со претседателот сметаат дека сега е моментот нивната професија финансиски да се вреднува со поголем коефициент од останатите именувани функционери? Од Уставниот суд појаснуваат дека за нив е неоспорен фактот дека уредувањето на платите на судиите е „materia legis”, односно треба да биде уредено со Закон, што е исклучиво во надлежност на Собранието, но тоа не значи дека тие треба да бидат уредени со ист нормативен режим и со иста законска логика и критериуми како и платите на другите носители на јавни функции од законодавната, извршната, монетарната власт. Со други зборови, уставните судии преку поведување на постапката преку која се бара поголем коефициент за поголеми плати, сметаат дека имаат поголем статус од останатите именувани функционери со кои сега го делат истиот коефициент а тоа се, по член 14 – коефициентот за утврдување на плата за претседателот на Уставниот суд  и потпретседателот на Собранието, кој изнесува 3,08, а по член 15 од Законот, коефициентот за утврдување на плата на член на Владата, претседател на работно тело на Собранието, судија на Уставниот суд, гувернер на Народната банка, државен правобранител, народниот правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата, кој изнесува до 2,85.

„Токму поради ова, пред Судот основано се постави прашањето дека со оспорената одредба се игнорира уставната поставеност на Уставниот суд и уставните судии кои имаат најсилни можни гаранции за нивната независност и самостојност. Судот оцени дека е уставно проблематично прашањето за нивните плати – како елемент нераскинливо поврзан со нивниот статус, да биде уредено со исти критериуми за определување на коефициентите за утврдување на платите, како и платите на другите носители на јавни функции, бидејќи таквиот пристап ја неутрализира уставната специфика и заштитната функција на нивниот статус“, објаснуваат за весникот ВЕЧЕР од Уставниот суд и бараат гаранции за нивната независност, па велат: „Независноста на Судот не е декларативна, туку подразбира реални институционални гаранции, меѓу кои значајно место зазема материјалниот статус на уставните судии. Платата и начинот на нејзиното утврдување се составен дел од тие гаранции и при нивното уредување, Законодавецот е должен да ја има предвид целосноста на Уставот и начинот на кој уставотворецот го поставил Уставниот суд во уставно-правниот поредок“.

Според нив, ставањето во ист кош со платите на останатите именувани државни функционери претставува суштествена повреда на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

И така, Собранието сега има рок од два месеца да го реши материјалното прашање на уставните судии. Паралелно со рокот, Собранието ќе го гласа актуелниот надворешен советник за правни работи на премиерот, за нов судија во Уставниот суд. Во четвртокот, собраниската Комисија за прашања на изборите го потврди Гоце Наумовски како кандидат, откако беше предложен од претседателот на комисијата, Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Наумовски е професор по римско право, а медиумите објавија дека е брат на Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

  Изборот на нов уставен судија, нова партиска провокација, кој повеќе го партизирал судството?

Изборот на нов уставен судија, со мандат од девет години, следува откако лани, во декември, судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска даде оставка, при што кажа дека се повлекува поради лични и здравствени причини. За изборот на Гоце Наумовски за уставен судија ќе одлучува Собранието на пленарната седница закажана за 18 февруари. Од СДСМ, го критикуваат новиот предлог за уставен судија, предупредувајќи дека власта ги зема судството и обвинителството под целосна контрола.

„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски. Следува целосно погребување на правдата и правната држава“, предупредува опозицијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека СДСМ го партизирала Уставниот суд со предлогот на Ана Павлова-Данева и Јадранка Дабовиќ. „Гоце Наумовски не е член на партија, туку угледен професор. За разлика од последните два предлози на СДСМ, кои беа целосно партиски решенија“, реагираат од владејачката партија.

Судскиот совет без јавност при изборот на уставен судија

Паралелно со предлогот на Собранието за нов уставен судија, и Судскиот совет распиша оглас за пополнување на местото од Елизабета Дуковска, откако Управниот суд го поништи изборот поради непочитување на постапката. Судскиот совет бара од кандидатите за уставен судија да се со најмалку 20 години стаж и позитивни оценки во работењето. Минатата недела, на седница на која не беа поканети медиумите, Судскиот совет расправаше за начинот на избор на уставен судија, мнозинството членови одлучиле да нема јавни интервјуа на кандидатите за оваа престижна судиска функција. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ