САД и Македонија договорија рамка за реципрочна трговија што Владата ја претставува како историски исчекор, но економските аналитичари предупредуваат за ограничени ефекти. Додека Скопје најавува нови можности за извоз и инвестиции, експертите посочуваат дека задржувањето на 15-процентната американска тарифа и обврската за увоз на американски гас отвораат прашања за вистинската рамнотежа на договорот. Очекувањата се поделени меѓу политичкиот оптимизам и економската претпазливост. Универзитетскиот професор Абил Бауш смета дека договорот има повеќе политичка отколку економска тежина, а економскиот аналитичар Синиша Пекевски оди чекор подалеку и оценува дека договорот е поповолен за САД отколку за Македонија

Соединетите Американски Држави и Македонија постигнаа согласност за рамка за договор за реципрочна, фер и избалансирана трговија, документ што, според Владата, отвора ново поглавје во економските односи, но во јавноста веќе предизвикува дебата околу неговата реална економска тежина.

Договорот предвидува целосна либерализација на македонскиот пазар за американските индустриски и земјоделски производи, обврска за купување американски течен природен гас по ставањето во функција на новиот гасен интерконектор со Грција, како и задржување на американските тарифи од 15 проценти за македонските производи, со можност одредени производи да добијат стапка од 0 проценти.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, оцени дека заедничката изјава претставува „јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД“. Според него, документот го трасира патот кон сеопфатен договор што ќе обезбеди „тарифи не повисоки од 15 %, а за одредени производи и индустрии и до 0 %, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст“.

Слична порака испрати и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој истакна дека станува збор за „значаен исчекор во економската соработка со нашиот стратешки партнер“.

– Важно е да бидеме прецизни: САД ќе ја задржат реципрочната тарифа од 15 % за производите со потекло од нашата држава, додека паралелно, и тоа е суштината на успехот, ќе се идентификуваат производи што ќе добијат до 0 % реципрочна тарифа – нагласи Муцунски, додавајќи дека договорот обезбедува „конкретен и мерлив успех за македонската економија“ и конкурентска предност за домашните компании.

Во официјалната изјава на Канцеларијата на трговскиот претставник на САД (USTR) се посочува дека договорот ги поставува темелите за унапредување на економското партнерство и отстранување на административните пречки за американските производители, при што се нагласува дека трговската агенда на претседателот Трамп има цел продлабочување на трансатлантските врски со клучен партнер во регионот.

Сепак, анализата на условите покажува извесна асиметрија: Македонија ги укинува сите царини за американските производи, додека САД ја задржуваат стапката од 15 проценти, со ограничена листа на производи што би добиле нулта тарифа. Токму ова прашање отвора дилеми околу суштинскиот реципроцитет на договорот.

Од Стопанската комора оценуваат дека иницијативата е позитивна, но дека ќе биде потребно време за оцена на можностите за извоз на наши производи во САД и за да се согледаат конкретните ефекти.

– Останува нашата заложба за воспоставување повисоко ниво на соработка со стратешкиот партнер. Цениме дека не би било лошо да разговараме за повисока фаза на соработка во економијата, како што е воведувањето режим за избегнување двојно оданочување. Со оглед на малиот удел на пласманот на македонски производи на американскиот пазар, би можело да се разговара и за евентуално тотално ослободување на тарифниот режим – велат од Комората, посочувајќи дека конечната оценка ќе зависи од листата на производи што ќе бидат опфатени.

Универзитетскиот професор Абил Бауш смета дека договорот има повеќе политичка отколку економска тежина.

– Ако тргнеме од политичкиот наратив, тоа е можност да се каже дека имаме добар договор со една суперсила. Но, од економски аспект, треба да бидеме внимателни со очекувањата. Ефектот нема да биде драматично голем, ниту непосреден – оценува тој.

Според Бауш, македонската економија е структурно врзана за ЕУ и дури и значително намалување на тарифите во САД нема автоматски да предизвика економски бум. Тој дополнува дека и доколку одредени производи добијат 0 проценти тарифа, тие, најверојатно, би се однесувале на автомобилската индустрија или на електронската опрема, кои веќе функционираат во технолошко-индустриските развојни зони.

– Но, од тие компании ние немаме некоја голема додадена економска вредност. Само би очекувале тие да останат тука и да имаат конкурентска предност, но тоа не значи автоматски придобивка за целата економија – вели Бауш.

Според него, може да има реален ефект ако се фокусира државата на агропроизводите, како виното и тутунот, и на ИКТ-секторот.

– Ако ги зголемиме производствените капацитети и компаниите ги исполнуваат стандардите што ги бара американскиот пазар, тогаш би можеле да бидеме конкурентни. Овие работи не се прават краткорочно – нагласува тој.

Бауш додава дека формалниот реципроцитет не значи и суштинска рамнотежа.

– Македонија и да ги укине сите царини за американските земјоделски производи, а САД да ја задржат стапката од 15 %, тоа е асиметричност на пазарот. Да сумираме, договорот има политичка можност и треба да се гледа позитивно, но не можеме да очекуваме економски бум – заклучува професорот.

Економскиот аналитичар Синиша Пекевски оди чекор подалеку и оценува дека договорот е поповолен за САД.

– Не знам што е историско во договорот кога Македонија има континуиран дефицит со САД. Тие ќе извезуваат без царина, а ние со 15 %. Докажано е дека македонските компании не се конкурентни на пазарот на САД, извозот е занемарлив и сметам дека ова само е политички потег што нема да донесе ама баш ништо за македонските компании – вели Пекевски.

Според него, обврската за купување американски течен гас, кој е поскап од рускиот што доаѓа преку Бугарија, дополнително ја проблематизира економската логика на договорот.

– Дефинитивно ова не е во наша корист – заклучува тој.

Но, од Министерството за енергетика појаснуваат дека Македонија соработува со сите меѓународни партнери со цел обезбедување диверзификација во снабдувањето со природен гас. Оттаму нагласуваат дека повеќе алтернативни извори ѝ овозможуваат на земјава поголема стабилност и енергетска независност.

– Во таа насока, соработката со САД е од стратешко значење. Досега соработката во областа на енергетиката е на високо ниво и се очекува така да продолжи – велат од ресорот.

Договорот допира и други чувствителни области – дигиталната трговија, каде што Македонија се обврзува да не воведува данок за дигиталните услуги, потоа земјоделствотo и отстранувањето нетарифни бариери, заштита на животната средина, зајакнување на соработката во контролата на инвестициите и извозот, особено за справување со „непазарните политики“ на трети земји (се мисли на Кина и Русија). Следниот чекор е финализирање и потпишување на договорот, по што ќе следуваат домашните процедури за негово стапување во сила.

Дали ќе се претвори рамката во реален економски импулс или ќе остане, пред сè, политичка порака за стратешко партнерство, ќе зависи од конкретните тарифни листи, конкурентноста на домашните компании и од способноста на економијата да го искористи пристапот до еден од најголемите пазари во светот. Засега, очекувањата се поделени меѓу владиниот оптимизам и аналитичката претпазливост.

Бум во САД: Триста проценти повеќе пари од царините

Вашингтон објави дека се зголемени приходите од царините за 304 % во однос на тој период минатата година, што, според официјалните податоци, придонело и за намалување на буџетскиот дефицит.

– Само во јануари биле собрани околу 30 милијарди долари по основ на царински давачки, додека од почетокот на фискалната година приходите достигнале 124 милијарди долари – објави CNBC.

Според американското Министерство за финансии, буџетскиот дефицит во четвртиот месец од фискалната година изнесувал околу 95 милијарди долари, што претставува намалување од приближно 26 проценти во споредба со тој период лани. Со тоа, федералниот дефицит од почетокот на годината достигнал 697 милијарди долари, што е пад од 17 проценти во однос на тој период во фискалната 2025 година.

Овој раст на приходите следува по одлуката на претседателот Доналд Трамп, кој во април 2025 година воведе општа царинска стапка за сите стоки и услуги што влегуваат во САД, како и серија таканаречени реципрочни царини за одделни земји. Мерката предизвика силни реакции на глобално ниво, но, според актуелните бројки, значително ги зголемила буџетските приходи.

Во меѓувреме, Белата куќа води преговори со трговските партнери и делумно се повлекува од некои од поагресивните давачки, во обид да постигне побалансирани трговски договори. Сепак, најновите податоци покажуваат дека засилената царинска политика засега носи конкретен фискален ефект: повисоки приходи и намален дефицит, барем на краток рок.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ