Во Општина Ѓорче Петров беа промовирани двете нови текбол маси поставени на јавен простор наменет за спорт и рекреација.
– Со оваа инвестиција, обезбедуваме дополнителни можности за спорт, дружење и градење здрави животни навики кај младите – потенцираат од локалната самоуправа.
Оттаму информираат дека е реализиран проектот во партнерство со „Sports Social Solutions“ и со Текбол федерацијата, во рамките на европскиот проект „Youth Balkan Placemaking“ и со поддршка од Европската Унија.
– Како локална самоуправа, остануваме посветени на вложувањето во младите, во модерни и функционални јавни простори и во развојот на спортската култура во нашата општина. Продолжуваме да градиме средина што поттикнува активен и здрав живот – велат од Општина Ѓорче Петров, потенцирајќи дека продолжуваат со унапредување на спортската инфраструктура и со создавање современи јавни простори за младите.
Текболот е иновативен и динамичен спорт, кој станува сè попопуларен меѓу младите, нудејќи можност за рекреација, натпреварување и за развој на спортскиот дух. Тоа е спорт со топка што се игра на закривена маса, со комбинирани елементи на фудбал и на пинг-понг. Играчите ја удираат топката напред -назад и тоа со кој било дел од телото, освен со рацете и дланките. Текболот може да се игра меѓу двајца играчи како поединечна игра или меѓу четворица играчи како игра во двојки.












