Проблемот со продолжениот престој на професионалните возачи во Шенген зоната стана актуелен по казната што денес беше изречена во пристаништето Росток, Германија. Како што известија од „Макам-транс“, македонски возач бил откриен со три дена надминување на дозволените 90 дена во период од 180 дена, по што му е изречена парична казна од 150 евра.
– Возачот ќе ја напушти Германија со авион, а возилото ќе го продолжи друг колега од истото превозно друштво. При напуштање ќе му биде издаден документ со точен датум кога повторно ќе може да влезе во Шенген зоната – појаснија од „Макам-транс“.
Оттаму предупредуваат дека ако возачот по втор пат биде фатен на контрола со надминување на дозволените денови, може да му се изрече забрана за влез во Шенген зоната до пет години.
Во меѓувреме, Европската комисија денес во 14 часот ќе одржи состанок на работната група за донесување конкретни решенија за регулирање на продолжениот престој на возачите. На состнокот ќе учествува и преставник од македонските превозници.
Препораката од експертите е внимателно следење на деновите на престој и избегнување на пристаништата Росток и Салзбург, каде најчесто се вршат контроли. Возачите и превозниците се повикуваат на максимална внимателност за да се избегнат финансиски и административни казни.
(С.Бл.)












