вторник, февруари 10, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Смрзнати и гладни работниците им порачаа на пратениците – пред избори нè...

Смрзнати и гладни работниците им порачаа на пратениците – пред избори нè барате, сега нè игнорирате

Синдикатите вчера ги блокираа влезови во Собранието и побараа законот за зголемување на минималната плата веднаш да се стави на дневен ред. Работниците смрзнати и гладни и со празни џебови побараа нивниот глас да го слушнат пратениците кои пред избори ги молеа за гласови. ССМ и работниците ги обвинија пратениците дека го блокираат Законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и дека не сакаат да ја прифатат нивната иницијатива за намалување на функционерските плати

328

Иако малку на број сепак доволно според законот да протестираат и да го блокираат пристапот до Собранието. Работниците кои денеска излегоа на улица и покрај студеното време, испратија порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати. Тие упатија апел до народните избраници да не ги бараат пред избори, бидејќи како што велат тие се како гулабите пред избори им јадат од дланка, а потоа ги гледаат од високо.

Добро утро на сите освен на пратениците им порача претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов и рече дека овој протест треба да ги засрами сите, особено 120 избрани пратеници кои веднаш треба да предложат зголемување на минималната плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6 000 денари.

-По 21 човек на две локации го блокираме Собранието за пратениците да не можат да дојдат со сопствените возила на работа и да не можат да наплатат патни трошоци за превоз како да трошат керозин и да мора да дојдат пешки или со јавен превоз на своите работни места. Моите информации се дека голем дел од пратениците станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа за да не се соочат со работниците на улица затоа што се срамат од нив. Се срамат од своите гласачи затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата, а од друга страна пратеничката плата, според најавите, ќе се зголеми не само за 9,2 проценти колку што пресмета гувернерот на Народна банка, туку за 12,6 проценти затоа што голема е веројатноста Уставниот суд да ја укине одредбата на Владата од претходната година, изјави Трендафилов.

Тој порача дека доколку пратениците не изгласаат зголемување на работничките плати, како што ветивме, ќе собереме 10 000 потписи, ќе им станеме овластен предлагач и ние, работниците, ќе им ги намалиме нивните пратенички и функционерски плати.

-Патните трошоци на пратениците, поделени на месечно ниво, се поголеми од минималната плата на еден работник. Ќе продолжиме да ги блокираме и пратениците и министрите и владата и работодавачите и сите оние кои се виновни што низ годините го донесоа македонскиот работник на дното, рече Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Според него, 600 евра треба да биде една загарантирана сума под која не смее еден работник да ја добие на месечно ниво, како би можел да го преживее месецот.

-Животот за две години е поскап за 9.000 денари, тоа го покажуваат цените кои секојдневно ги бркаме и мериме по маркетите. Само за една година е зголемен трошокот за живот на едно семејство за 6.000 денари и затоа бараме итно и неодложно да се стави точката на дневен ред, да се изгласа 600 евра минимална плата и зголемување на сите плати за 100 евра. Онаму каде што имаме колективни договори да се почитуваат, бидејќи народните избраници,  министрите, директорите, градоначалниците треба да сфатат дека го уживаат тој лезет и нивната работа е платена од платата на работниците и давачките што ги даваат работниците секој месец, рече Пешевски.

Тој ги повика пратениците да се одважат, да ја стават точката на дневен ред и да изгласаат ако, како што рече, „сакаат да си обезбедат уште еден мандат“, во спротивно најави секојдневна блокада на улици и институции.

Работниците кои вчера протестираа рекоа дека пратениците постапиле кукавички со тоа што дошле порано на работа избегнале да се соочат со работниците.

-Пратениците се тие што треба најмногу да се залагаат за работниците затоа што они се бирани од работниците и земаат плата од нас, од приватен сектор. Они се исто како гулабите, пред избори кога се доле ти јадат од рака, а кога ќе се качат горе те гледаат од високо. Со малверзации и со лажење не се води држава. Работниците памтат и еден ден ќе пукне, неможат они постојано да си играат мајтап со маката на работниците, вели еден од работниците кои протестира.

Тие се револтирани од игнораторскиот однос на пратениците, кои како што велат не се свесни дека инфлацијата одамна им ги изела платите.

-Ние сме гладни, се се качи, а платите останаа исти. Премиерот уште  во септември вети зголемување од 1.000 денари на пензиите и 1.500 на платите во март кои инфлацијата веќе ги изеде. Денес 1.000 денари се како 100 денари, вели друг работник.

Работниците побараа пратениците да се одважат и да го слушнат гласот на народот, односно на оние „кои месецот го врзуваат многу тешко. Не е во ред работничката класа да го полни буџетот и да биде на минималец, а тие да земаат големи плати.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак останува на ставот дека протестите организирани од Сојузот на синдикати се политички инструирани. Тој кажа и дека Владата како најголем работодавач си ги регулирала своите обврски, алудирајќи на постигнатиот договор за раст на платите во администрацијата.

Тој рече дека ќе го поддржат секое решение што ќе го постигнат работодавачите и Синдикатот, но нема да поддржат политички инструирани самоводачи.

Фото: П. Стојановски

(А.С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ